Основците од „Григор Прличев“ му оддадоа почит на својот патрон
Со богата програма подготвена од учениците и наставниците, уште еднаш му беше оддадена должна почит на Сердарот на македонската поезија.
Младите ученици од основното училиште „Григор Прличев“ на достоен начин го одбележаа патронот на нивното училиште. Свечената приредба беше навистина свечена, а за тоа да биде така, се погрижија токму учениците од ова училиште и нивните ментори.
Центарот за култура кој исто така го носи името на охридскиот ловороносец, беше местото на кое се собраа родители, наставници, ученици за да му оддадат почит на големиот поет.
„Колку и да зборуваме за делото и животниот пат изминат од нашиот патрон, никогаш нема да бидат доволни зборовите, туку треба само да ги продолжуваме и да се потсетуваме на неговите дела. Неговата преродбенска дејност, неговото залагање за македонскиот јазик, неговото книжевно дело, претставуваат еден од најзначајните прилози во македонската литература не само во 19от век, туку и воопшто до ден-денешен.“-рече директорката на основното училиште „Григор Прличев“, Лилјана Спировска.
На прекрасната свеченост во чест на вториот Хомер, Григор Прличев, се читаше поезија напишана од младите основци, а се пееја и песни. Тие на најдобар можен начин го одбележаа нивниот патронен празник. За да ја почувствувате атмосферата на синоќешната свеченост, ве оставаме да уживате во убавите мелодии кои излегоа од грлата на учениците.
{loadposition content9}