Основците против врсничкото насилство, направија и филм
Денеска во Младински центар во Охрид, се одржа премиерата на краткометражниот филм посветен на врсничкото насилство, насловен „Да почнеме од нас“. Станува збор за краток филм во режија, монтажа и сценарио на талентираниот ученик, од ООУ „Григор Прличев“ Иво Георгиески, а снимен под менторство на наставничката Славица Јолакоска -Таштаноска. Една недела им била потребна на учениците да го осмислат и продукциски реализираат овој проект.
„За една недела, го склопивме, го напишавме, го снимивме.„Навистина идејата е од секојдневието.“, објасни Иво Георгиевски- режисер на филмот „Да почнеме од нас“.
Од ОУ „Григор Прличев“ со овој филм покренуваат иницијатива „СТОП на врсничкото насилство“ и ги покануваат сите ученици и училишта да го погледант филмот и да се приклучат. Филмот носи порака против меѓуврсничкото насилство, кое, за жал, е актуелна и многу сериозна тема. Главните улоги во овој едукативен видео запис ги толкуваат неговите соученички Ана Марија Цветковиќ, Ана Илоска, Руждие Асан, Елена Веруш, Софија Мирческа, Фросина Белистојаноска, Анастасија Настеска и Славица Мојсоска. Велат, да се толкува улога на деца кои се насилници не било лесно.
„Не беше многу лесно да се соживееме со улогите. Затоа што ние не сме толку безобразни како улогите кои ги толкуваме, ама сепак, во филмот глмевме едни безобразни деца, а така никој не треба да се однесува“. „Сите сме исти во главно. Не треба да гледаме по изглед, како се однесуваме. Во главно сите сме исти“, велат Руждие Асан и Ана Марија Цветковиќ, ученички 9-то одделение ООУ „Григор Прличев“.
Филмот учествуваше на 60-тиот Државен натпревар на млади природници и техничари кој се одржа во април. ОУ „Григор Прличев“ со филмот на Георгиески за прв пат имаше свој претставник во областа кино и видео техники на државниот натпревар.