Skip to main content

Основците од „Григор Прличев“ го празнуваат патронатот

На свеченоста која денеска се одржа во дворот на училиштето им беа доделени признанија на учениците кои постигнале успеси и допринесуваат нивното училиште да го зачува високото реноме кое го ужива години наназад. Со приредбата во центарот за култура вечерва  се заокружува годинешната општинска програма Прличеви беседи во чест на големиот поет и преродбеник Григор Прличев. 
 |  Маја Савиќ  | 

ОУ „Григор Прличев“ со низа активности го одбележува својот патронат.  Денеска на пригодна свеченост беа доделени наградите за најдобри ликовни и литературни творби на училишниот конкурс. Спомен бистата на Прличев беше закитена со ловоров венец и беа положени букети свежо цвеќе од делегации.

Одбележувајќи го споменот на патронот се навраќаме кон корените на нашата мисија образованието и негување на вистинските вредности, истакна директорката на училиштето, Лилјана Ефтимовска.

Ги синтетизираме, на некој начин, постигнувањата во текот на изминатата година, пред се тоа се постигнувања на учениците во вид на награди, разни конкурси и интерни во училиштето и надвор во рамки на општината, на државни и можеме да се пофалиме со одлични резултати на сите натпревари. Тука се секако наставниците, наставниот кадар коишто се своевидни херои во училниците и допринесуваат за тој успех на учениците и секако родителите, тука би го истакнала Советот на родители од кои имаме како училиште навистина голема поддршка за што им сме благодарни, кажа Ефтимовска.

Нашата цел е да создадеме средина во која секој ученик ќе биде прифатен, поддржан и мотивиран да го даде најдоброто од себе, вели Ефтимовска. Во таа насока во ова училиште во континуитет се работи на подобрување на наставата, воведување нови методи и учество во проекти.

Од големо значење се таквите проекти кадешто училиштето редовно аплицира и учествува. Оваа година имавме проект со Еразмус на тема Климатски промени и навистина е бесценето искуство да се работи на еден таков проект. Исто така учествуваме на проекти, оваа година добивме и грант од Министерството за образование за проект за опремување на медијатека значи на училница со компјутерска опрема и тоа е едно големо достигнување за училиштето и низа проекти во рамки и на општината и интерни.” – вели директорката.

ОУ “Григор Прличев” како пратнер во Еразмус+ програмата е избрано да биде домаќин на активностите кои треба да се реализираат во Македонија. Тим ученици, пак,  во рамки на проектот “Училишта без пластика”, на тема Млади научници ја спасуваат планетата Земја, беа наградени за изработена дигитална книга за еколошка едукација.

Училиштето редовно организира еколошки, хуманитарни акции, воншколски едукативни активности и работилници со цел да се изгрди кај децата висока еколошка и општествено одговорна свест.  Се што правиме е водено од љубов за подобро утре, вели директорката Ефтимовска, додавајќи дека тоа е и темата на годинешниот патронат „Споменот за љубовта – светлина што го грее срцето и го води духот“.

Со свечената приредба на ОУ „Григор Прличев“ во Центарот за Култура вечерва се заокружуваат годинешните чествувања на големиот поет и преродбеник Прличев во рамки на манифестацијата Прличеви беседи.