Skip to main content

Основците од Охрид почнаа да трчаат

Денес основците од градов го најавија почетокот на големиот спортски настан Охрид Трчат. Овој настан кој има за цел да го разбуди спортскиот дух кај младите но и кај останатите, потсетува дека трчањето и воопшто спортот е здрава животна навика која треба редовно да се практикува.

 |  Николоска Биљана  | 

Школската трка на охридските основци го означи почетокот на големиот настан Охрид трчат. Денес по кејот Македонија со старт од пред хотел Милениум па се до споменикот на браќата Кирил и Методиј во градскиот парк, трчаа три категории ученици во, женска, машка и рекреативна конкуренција. Една од целите на овој настан е етаблирање на трчањето и спортот како потреба за квалитетен живот, истакна Јоне Станкоски од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“.

„Училишните спортови треба да заземат примат во понатамошниот тек на образованието и да се етаблираат на што повисоко ниво. Промоцијата на здрав начин на живот е една од основите која што ја имаме како Асоцијација, односно основа за настанот Охрид трчат“.

Во женска категорија прва на целта пристигна Стефанија Ристеска. Таа истакна дека денешниот нејзин триумф го посветува на децата со ретки болести.

Јас тренирам атлетика, но ми беше задоволство што учествувам и што освоив прво место. Оваа моја победа ја посветувам на децата со посебни потреби. Горда сум што учам во ОУ „Христо Узунов“ и го претставувам истото.

Младиот спортист Наум Танески-Топе триумфираше на рекреативната трка во машка конкуренција.

„ Јас тренирам фудбал и секој ден трчам и вежбам“

Второпласиран кај машките беше Мартин Шапкароски, а третопласиран Цвете Танаскоски. Додека пак кај женските Марија Устијаноска финишираше втора, а трета заврши Кристина Костеска.