Основни училишта ја почнале учебната година без извршена дезинфекција и дератизација на објектите
Основни училишта ја почнале учебната година без извршена дезинфекција и дератизација на објектите. Од центарот за јавно здравје велат директорите на школите биле информирани за нивната законска обврска. Додаваат дека не станува збор за скапа услуга за третирање на училиштата.
Неколку основни училишта пред почетокот на школската година не презеле превентивни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација на нивните објекти, информираат од Центарот за јавно здравје. Според законот за јавна заштита училиштата, градинките и образовните институции се должни да ги спроведат превентивните мерки за заштита на учениците, но има школи кои тоа не го напрaвиле , кажува Сашо Точков директор на Центарот за јавно здравје.
„ Имаме случаи ние сакаме да излеземе во пресрет но трошиме средства и реагенси кои ги купуваме и кои чинат. Менаџерските тимови на школите треба да се изборат и да најдат средства за оваа намена. Но кај некои со години се провлекува истата ситуација. Има 1 до 2 училишта кои имаат проблем со сметката и сервисирањето на барањата и услугите. Бараме помош од Локалната самоуправа да излезе во пресрет за училиштата да не станат жаришта и проблем од здравствен аспект за децата“, напоменува Точков.
Во средината на август од Центарот за јавно здравје испратиле допис до директорите на училиштата како потсетник за нивната обврска пред почетокот на школската година, вели Точков.
„ Одговорноста е голема. Ги потсетуваме директорите доколку се случи некоја несакана последица по здравјето, а причина е инфекција или нетретирање со дезинфекциони средства одговорноста ја преземаат врз себе. Не треба да се игра со такви работи потребно е секој совесно,одговорно да ги почитува обврските и законот и да одговара за што е назначен“, потсетува Точков.
Додава дека не станува збор за скапа услуга за третирање на училиштата и не потребно објавување на тендерска постапка. Нивниот ценовник за услугите е јавен и транспарентен, а за третманот на една училишна зграда треба да се издвојат околу 12 до 13.000 денари, вели Точков.