Skip to main content

Основните и средните училишта подготвени за старт на учебната година

Охридските основни и средни училишта подготвени за старт на новата учебна година со физичко присуство и под строги протоколи. Утре во училишните клупи за првпат ќе седнат 504 првачина. Училиштата се подготвени и за паралелно одржување онлајн настава за ученици кои од разни причини побарале да учат од далечина како и за евентуални случаи на ученици позитивни на Ковид кои ќе треба да бидат во изолација.

 |   | 

Утре, на 1 септември, општинските основни и средни училишта на територијата на Општина Охрид официјално ќе почнат со настава со физичко присуство за сите ученици.

Различни одделенија ќе влегуваат во училишната зграда во различно време и влез за да нема мешање на ученици од различни паралелки во ходниците. На секој ученик на влезот ќе му биде измерена температура и доколку е повисока од 37, 4 степени тогаш тој ќе биде вратен дома. Истото важи и за вработените во училиштето. Првиот училишен ден е резервиран за запознавање на учениците со протоколот и мерките, да носат маски постојано, како да се однесуваат, да држат дистанца, да ги употребуваат средствата за дезинфекција.

Директорите на основни и средни училишта кои ги контактиравме велат дека се подготвени за старт на новата учебна година под строги протоколи.  

Во поглед на човечки ресурси, морам да напоменам дека и самиот наставен кадар е одговорен за спроведување на протоколите и мерките. Како училиште во целост сме вклучени, заедно со наставниците и техничкиот персонал и административната како и педагошко психолошката служба со цел да се спроведе протоколот.  Подготвени сме и за он лајн настава. Во сите училници поставени се компјутери со камера и звучници. Подготвени се и наставниците бидејќи имаме случаи во кои паралелно ќе се одвива наставата и во училница и он лајн за ученици кои поради здравствени причини нема да имаат настава со физичко присуство – вели Ивана Маховска – Директор ОУ Григор Прличев.

И од охридската гимназија велат дека се е спремно за почеток на наставата со физичко присуство. 

Според протоколите од МОН ќе се постапува со ставање редари, мерење температура на влез, дезинфекција, носење маски. Ќе се врши постојана проверка дали се почитуваат мерките. За учениците кои од различни причини нема да можат да следат настава со физичко присуство, наставата ќе се изведува и оnline преку платформата Mikrosoft tims за која цел уште од минатата година имаме во секоја училница компјутер – вели за ТВМ , Весна Цветкоска – Директор на ОСУ,,Св.Климент Охридски

Од локалната самоуправа велат дека во делот на нивните обврски ги презеле сите мерки и активности за непречен и успешен старт на новата учебна година. 

Согласно протоколите за настава и потребните мерки во справување со пандемијата, обезбедени се средства за хигиена за сите училишта во градов. Инсталирана е нова интернет мрежа за сите училишта и обезбедени се таблети за сите учениците, кои се од социјално ранливите категории. За оваа намена обезбедени се средства во висина од дванаесет милиони денари.

Ако ученик развие симптоми на ковид-19 додека е во училиште, наставникот го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите. Доколку се потврди дека ученик е позитивен се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје од каде епидемиолог спроведува анкета за проценка на степенот на ризик за останатите ученици и наставници. За учениците кои се позитивни на Ковид 19 или се во изoлација, наставата ќе се реализира онлајн.

Здравствените власти уверуваат дека доколку епидемиолошката ситуација во државата или одредени општини се промени во насока на зголемено ширење на вирусот, може да се донесе одлука наставата да продолжи според другите два модели, целосно онлајн или комбинирано.  

Сите анализи укажуваат дека училишната година треба да почне со физичко присуство. Ние можеме да им помогнеме на децата со тоа што ние возрасните ќе се вакцинираме и на тој начин се штитат семејствата, родителите и постарите лица, како бабите и дедовците. Има доста родители кои се загрижени и бараат онлајн настава и ние сме подготвени да дадеме и други препораки доколку отцениме дека ситуацијата се влошува – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Во новата учебна година во Охрид запишани се 504 првачина, а во средните училишта 474 ученици.