Осум години од трагичната бродска несреќа во Охридското Езеро
Денес беа одбележани осум години од трагичната бродска несреќа во Охридското Езеро во која загинаа 15 бугарски туристи. Претставници од локалната самоуправа, здружението „5ти Септември“, претставници од Ротари клубот, Капетанијата како и Бугарскиот културно-информативен центар од Скопје им одадоа достојна почит на жртвите во овој немил настан.
Со положување на свежо цвеќе и поклонение, денес беа одбележани осум години од трагичната бродска несреќа во Охридското Езеро во која загинаа 15 бугарски туристи. Претставници од локалната самоуправа, здружението „5ти Септември“, претставници од Ротари клубот, Капетанијата како и Бугарскиот културно-информативен центар од Скопје им одадоа достојна почит на жртвите во овој немил настан.
Заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев, вели дека оваа несреќа не потсетува и опаметува во насока на подобрување на услугите кои се нудат на туристите од аспект на нивна поголема безбедност.
И денес жалиме и се потсетуваме на тој трагичен настан, но тој настан отвори и многу порти на пријателство. Таа порака не беше убава за светот, но бројот на туристи кои доаѓаат од Бугарија после несреќата е се поголем што пак ни праќа една друга порака, дека Охрид како град се обидува да направи се она што е во корист на градот, Охрид се обидува да го даде најдоброто за туристите, рече заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
Капетанот на Капетанијата на пристаништата на Република Македонија, Горан Устијаноски, вели дека 5ти Септември е црн датум не само за семејствата на загинатите и Бугарија туку и за сите охриѓани.
Од тој момент многу работи почнаа да се менуваат. Ние неуморно и постојано работиме на подигнување на свеста на сите оние кои учествуваат во внатрешната пловидба, на сите учесници во наутиката, се преземаат конкретни мерки за регулирање на бродскиот сообраќај, подигнување на стандардите за техничките прегледи на чамците, начинот на нивното движење. Со сите тие мерки кои што ги преземаме и што треба да се преземат се надеваме дека нивото на безбедноста во одредена мера ќе биде повисоко во внатрешната пловидба, изјави капетанот Устијаноски.
Во план е изградба на ново спомен обележје на загинатите туристи на местото на трагичната несреќа кај авто кампот „Елешец“, а имаше и ветувања од бугарскиот конзулат дека реализацијата на ова спомен обележје финансиски ќе биде помогнато и од бугарската влада.