Отчетно собрание на охридските пензионери
Отчетно собрание на Здружението на пензионери на општините Охрид и Дебрца. И покрај тоа што сметката им е сеуште блокирана со домаќински и рационално работење успеваат да постигнат позитивен извештај, велат од раководството на здружението на пензионери од општините Охрид и Дебрца.
Здружението на пензионерите на општините Охрид и Дебрца, бележи успешна година. Тоа го покажува оценката од материјалното и финансиското работење, кое го изработило стручна служба како што информираше претседателот на Собранието д-р Димитар Спасески. Денес пензионерите ја одржаа третата седница на која беше презентиран извештајот за нивната работа во 2015 год.
„Здружението работело домаќински, рационално. Секако дека и плановите кои се носат за овој период 2016 – 2019 год ќе бидат успешни спрема предвидувањата од овие дејности. Секако здружението на пензионери има многу обврски како на културен план така и на спортски, понатака на едукацијата на пензионери со предавања се одржуваат и ред други работи и посета на болни, геријатрија во границите на можностите на здружението на пензионери“.
Продолжува снабдувањето на пензионерите со огревно дрво, сирење, сувомеснати производи, преку клубот кој им овозможува плаќање на повеќе рати, вели Спасески. Додава дека се соочуваат со одредени потешкотии бидејќи сеуште им била блокирана сметката, што пак имало одредено влијание врз работата на Здружението пензионери. Спасески информираше и за нивните очекувања.
„Очекуваме но колку ќе се исполни, еве веќе повеќе години се споменува, се најавува,но до ден денеска нема ништо…ќе видиме како ќе биди се надеваме дека ќе почни“
Гости на денешната седница беа претставниците на раководството на пензионерите од соседна Струга. Тие отчет за нивните активности во текот на 2015 година ќе даваат утре. Претседателот на Здружението пензионери од Струга, Мирко Трпоски кажа дека се активни како здружение и секогаш ги бранат интересите на пензионерите.
„Нашите активности се фокусирани на грижа за пензионерите одиме на спортски активности имаме пеачка група, надзорни одбори тела на органите и т н. Броиме 4000 пензионери и претставуваме мултиетничко здружение каде што членуваат македонци, албанци, турци, власи.
Инаку охридското здружение брои околу 9400 членови, старосни, семејни и странски пензионери. Како што е познато здружението делува самостојно и спаѓа во непрофитните организации, сами се финансираат од чланарината која изнесува 30 денари. Здружението на пензионери не користи средства од буџетот на локалната самоуправа ниту од буџетот на Р. Македонија.