Откриени остатоците на античкиот град Дебрец
Промоција на резултатите и сознанијата од Проектот „Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019“. Беше обелоденето дека се откриени остатоци на античкиот град Дебрец по чија местоположба истражуваа и трагаа македонските историчари и археолози повеќе од половина век. Со ваквите проекти интенцијата е Дебрца да се промовира во една високо рангирана, природна, археолошка и културна дестинација.
Откриени остатоците на античкиот град Дебрец. Тоа е град по чија местоположба истражуваа и трагаа македонските историчари и археолози повеќе од половина век. Минатата година Филозофскиот факултет од Скопје спроведе истражување на десет најзначајни археолошки локалитети во Дебрца, а годинава продолжија истражувањата во оваа општина на најзначајниот археолошки локалитет Требенишкото Кале. Денес се одржа промоција на резултатите и сознанијата од Проектот „Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019“.
Сето ова што го правиме е во рамките на нашата заложба Дебрца да ја промовираме во една високо рангирана, природна, археолошка и културна дестинација и затоа во наредниот период ќе продолжиме со тие активности, рече градоначалникот.
Проф.Др.Виктор Лилчиќ Адамс и неговиот стручен тим од Филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на општина Дебрца во износ од 100.000 денари, минатава година интензивно работеа на истражување на локалитетот Требенишко Кале. Според нив, сознанијата од истражувањата илустрираат околу 1800 години живот во континуитет и ако се додаде архајскиот период, или како што вели професор Лилчиќ “периодот на господарите со златните маски”, тогаш на просторот на овој древен град, распослан на околу 5 хектари, може да се зборува за постоење на цивилизација во континуитет од 2200 години.
Тоа е едно големо изненадување и ние се надеваме дека ќе успееме во наредните години да го отвориме црковниот храм и да го прошириме истражувањето можеби и на некрополата и да собереме уште повеќе докази за да ја потврдиме оваа хипотеза која денес ја лансираме, рече проф. Адамс.
На настанот присуствуваше и Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов.
Ние од Управата правиме усилби да ги поттикниме и да размислуваат и градоначалниците и граѓаните да размислуваат за културното наследство. Единствен начин за да се зачува е свесноста на институциите и на луѓето да се допринесе заеднички тоа да го направиме, рече Костов.
По завршувањето на истражувањата на терен ќе се изработи завршен извештај со фото и техничка документација, а кој ќе биде претставен и пред пошироката јавност.