Skip to main content

Откриено спомен обележје на херојот од Ливоишта Благојче Крстаноски

Денес во Ливоишта протече вода низ чешмата со спомен обележјето во сеќавање на Благојче Крстаноски. Тој споменик ќе биде сведоштво за херојството на едно младо македонско срце кое прерано престана да чука за одбрана на својата земја.

 |  Николоска Биљана  | 

Откриено спомен обележје на Благојче Крстаноски, херојот од Ливоишта, кој подмолно беше убиен на караулата Блаце, вршејќи ја својата должност, на 8 ми април 1999 год. Одбележувајќи ја 18 годишнината од неговиот прерано згаснат живот, денес во Ливоишта истакната личности и делегации го воздигнаа неговото име, на почесно и заслужено место во историјата на Македонија. Свое обраќање на овој чин имаше првиот човек на градот Никола Бакрачески. Тој истакна дека Благојче ќе го имаме секогаш меѓу нас, во нашите спомени кој како херој кој на олтарот на одбраната и слободата го положи највредното, својот живот.

„Денешниот ден е посветен херојот на Ливоишта, на Охрид и на РМ, кој со својот однос кон родната земја покажа како се сака и брани најсветото, односно родината. Дозволете ми да упатам благодарност кон организацијата на резервни официри на РМ кои вложија максимални напори за подигнување на ова спомен обележје за никогаш да не згасне сеќавањето на нивниот другар и нашиот сограѓанин“.

Благојче Крстаноски е херој кој никогаш не умира, тој само ја помина портата на историјата и замина во вечноста, истакна проф. д-р Ѓорѓи Малкоски претседателот на организацијата на резервни офицери.

„Тој само го изврши својот долг. Генетиката на илинденците, на партизаните, генетскиот код на самоиловите војници и античките македонци кај Благојче длабоко беше вкоренет и тој со гордост ја носеше македонската униформа, со гордост го носеше македонскот знаме на левата рака“.

Датумите го чуваат и означуваат времето што треба да го паметиме. Таков датум е и 8 ми април 1999 година, истакна Цветко Кузески претседателот на општинска организациона единица „Благојче Крстаноски“ Охрид.

„Благојче носеше сонце на своите дланки, да не го заборавиме зошто младоста и хероите никогаш не умираат а Благојче ја вгради својата младост во вечноста на неговото родно место но и во сите нас“.

Досега непознат на јавноста момент од последните денови на Благојче Крстаноски, сподели неговиот мајор, кој истовремено му бил и кум, Никола Стефаноски.

„Благојче беше дојден на боледување, беше болен и се лечеше во касарната и дојде да се поздравиме и ми рече господине мајоре, куме јас утре заминувам на караула. Јас му наредував да остане бидејќи му реков дека болен ќе бидеш само на терет на старешините и на другарите, таму бараат здрави луѓе. Додека не ти заврши боледувањето да останеш тука, рече не јас не можам да ги оставам другарите, замина и не се врати

Голема благодарност кон општина Охрид која помогнала во подигнувањето на спомен плочата изрази претседателот на МЗ од Ливоишта.

„Привилегија и наша чест е што Благојче Крстаноски беше од ова село. Ние се гордееме со неговото дело, прерано згасна неговиот живот но споменот вечно ќе живее со нас“.

Семејството на Крстаноски, делегации од општина, АРМ, МВР, од гарнизонот од Кичево, политичките партии, претставници од други месни заедници, од здруженија како и мештаните од Ливоишта, положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на Благојче Крстаноски. Исто така беа изрецитирани и неколку стихови во негова чест. Благојче Крстаноски е постхумно одликуван со медал за храброт од претседателите Борис Трајкоски и Ѓорге Иванов.