Skip to main content

Откупувачите на овошје незаинтересирани за хемискиот третман на овошјето

Откупувачите на овошје незаинтересирани за хемискиот третман на овошјето, реагираат еколошки освестените овоштари. Се откупува овошје кое ги задоволува по изглед трговците,  а не се гледа содржината, се жалат  овоштарите кои се во борба со хемијата. Додаваат дека на терен  ги нема службите задолжени за  контрола на хемиското третирање на овошките и земјоделските култури. 

 |  Валентина Неловска  | 

Крсте Трајчески од село Завој, охридско, поборник за производство на органска храна, за себе вели дека со години е во борба со хемијата и хемиските препарати за прскање. Трајчески произведува органска храна која не е во допир со хемиски препарати, калеми стари сорти на овошни дрвца и отворено зборува за состојбите со прскањето во земјоделството и овоштарствотo кај нас. Нашите купувачи најчесто го купуваат „лицето“ на производот, а не колку е здрав производот или колку пати е третиран со хемиски препарати.


„Тие имаат свои комерцијални интереси. Колку сандаци ќе наполнат со јаболка и цреши. Тоа е опасно. Јаболката се прскаат и до 20 пати, а никој не го интересира колку токсини се присутни во градинарските култури и овошјето“, вели Трајчески.

Премногу се прска овошјето и нема контрола колку пати се применуваат хемиските третмани, потврдува и Борис Стојаноски од ЕД Грашница. Ние како еколози со години работиме на едукација на земјоделците и овоштарите, но за жал сеуште тоа тешко допира до нив, вели Стојаноски.

„За жал трговците тоа го диктираат и луѓето се приморани да не ги интересира колку пати прскаат, туку производот да има убав изглед за око. Едно со друго не оди, гледаме, слушаме , но производите ги враќаат. Мора да се работи на таа тема. Тешко оди. Службите не прават контроли иако се најавува, на терен, контролите ги нема, а треба да ги има“, кажува Стојаноски.

Многу е мал бројот на млади производители кои се интересираат да одгледуваат здрава храна и да применуваат органски препарати за заштита на храната. Препораката на искусните и еколошки освестени производители на здрава храна до младите е да ја сакаат земјата и да водат грижа при производството на храна.