Skip to main content

Oтворен Центарот за дневен престој на стари лица во Охрид

Со отворањето на Центарот, охриѓани од третото доба добиваат простор каде што ќе можат да поминуваат квалитетно време, да се дружат, да стекнуваат нови знаења и да учествуваат во активности во заедницата.
 |  Маја Савиќ  | 

Во Охрид денеска официјално беше отворен новиот Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење, кој има за цел да обезбеди простор за дружење, поддршка и активности за лицата од третото доба. Во него во иднина ќе се организираат различни активности приспособени на интересите и можностите на корисниците како креативни и едукативни работилници и предавања, музички и културни активности, излети и други организирани дружења Целта е да се подобри квалитетот на животот на старите лица, да се намалат осаменоста и социјалната изолација, да се поттикнат физичката и менталната активност и да се создадат услови за нивно поактивно учество во локалната заедница.

Отворањето го поздрави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој најави долгорочна поддршка од локалната власт за работата на Центарот.

–Со отворањето на овој Центар исполнуваме едно важно ветување и создаваме место каде што нашите повозрасни сограѓани ќе имаат можност за дружење, рекреација, различни активности и квалитетно поминато време. Ова не е само отворање на нов објект. Ова е конкретен чекор напред во нашата заедничка мисија да изградиме хумано, топло и грижливо општество. Нашите постари сограѓани го градеа Охрид, ги воспитуваа генерациите пред нас и со својот труд го дадоа темелот на сето она што денес го имаме. Затоа, наша должност и морална обврска е да им обезбедиме достоинствени услови, исполнети денови, почит и грижа какви што заслужуваат.Општина Охрид ќе продолжи и во иднина да вложува во социјални услуги, во проекти кои директно го подобруваат квалитетот на живот на сите генерации и кои го прават нашиот град подобро место за живеење, истакна пред присутните градоначалникот.

Проектот е на Општина Охрид, финансиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади, со кредит од Светската банка и кофинансирање од општината. Носител на проектот е Здружението на граѓани ВОПС, со поддршка на клубот „Најди време“.

Центарот е сместен во зградите зад бензинската пумпа „Лукоил“, на булеварот „Туристичка“, на излезот од Охрид кон Скопје. Просторот е на општината, чија обврска се и трошоците за месечните комунални сметки, а за превоз на корисниците обезбедено е комбе. Дневниот центар располага со соба за дневен престој, кујна, соби за рекреација и за стручни тимови и три тоалети. Дневниот центар ќе биде отворен во период од 8 до 16 часот и во моментов е посетуван од 30 корисници