(фото) Свечено отворен Балканскиот фестивал на народни песни и игри
Синоќа во ЦК „Григор Прличев“ свечено беше отворено 62-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри со целовечерен концерт на Националниот ансамбл Танец.
Вечерва тука, заедно во нашиот убав Охрид ја продолжуваме долгогодишната традиција, со одржувањето на оваа манифестација на највеличествен начин да го прославиме значењето на танцот и музиката како универзални вредности на народите, кажа во обраќањето пред присутните заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски.
„Полека но сигурно ја ситниме седмата деценија од првото заиграно оро и отпеана песна на сцената на Доллни Срај. Оттогаш почнува магијата, а до денес на фестивалот учествувале неколку десетици илјади учесници, инструменталисти, играорци, пејачи од сите континенти во Светов. Сите тие дефилирајќи низ охридската чаршија најавуваат долго топло лето во Охрид со надеж за плодна туристичка сезона. Јас верувам дека уживавте на синоќешната изложба од „Љубанишча до Дебор“ од колекцијата на Љупчо Милошески, а повеќе од сигурен сум дека ќе уживате и во претстојните фестивалски ноќи. На крај им се заблагодарувам на вработените од ЦК „Григор Прличев“ за одличната организација на фестивалот. На учесниците им посакувам најубаво фестивалско претставување со желба да понесат убави впечатоци од древниот Охрид и повторно да се вратат кај нас„– рече Божиновски.
Најстарата фолклорна манифестација на Балканот се одржува под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија. Свое обраќање пред присутните имаше и Заменик претседателот на Собранието, Горан Мисоски.
„Музиката,фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија.Тие се дел од светското културно наследство кое го чува и развива националниот идентитет на секој народ и тоа заслужува почит.Затоа задоволство ми е сосема на крај на сите автентични претставници на светската фолклорна ризница да им посакам незаборавен престој во Балканскиот бисер,преубавиот Охрид“. – рече Мисоски.
Поради лошите временски услови отворањето на фестивалот беше во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во следните фестивалски денови, доколку дозволат временските услови, на сцената на Долни Сарај љубителите на фолклорот до 9-ти јули ќе имаат можност да погледнат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија, Словенија, Полска и САД.
Влезот за фестивалските ноќи е слободен.