Skip to main content

Твојот глас е важен! Реагирај, пријави и спречи дискриминација

Отворен ден за бесплатна правна помош за дискриминација и човекови права во Охрид

Отворениот ден ќе се одржи на 9-ти јуни во советничката канцеларија во Општина Охрид на ул. Димитар Влахов бр. 57.
 |  инфодеск  | 
Ohrid Unsplash

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Опција Охрид и Мрежата за заштита од дискриминација, на 9 јуни со почеток од 11 до 14:30 часот организираат Отворен ден за бесплатна правна помош за случаи на дискриминација и повреди на човекови права.

Отворениот ден ќе се одржи во советничката канцеларија во Општина Охрид на ул. Димитар Влахов бр. 57.

„Ги повикуваме сите граѓани кои се сметаат дека се жртви на дискриминација и прекршување на правата да дојдат да се советуваат и да добијат помош за решавање на проблемот. Граѓаните ќе можат да добијат точни информации за своите права од Законот за спречување и заштита од дискриминација, можностите за нивна заштита, поврзување со други услуги и за начинот и условите за аплицирање за бесплатна правна помош. Граѓаните исто така ќе можат да поднесат претставка на записник кај членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Игор Јадровски“, велат од КСЗД.

Особено ги повикуваат граѓаните од маргинализираните заедници кои, како што велат, континуирано се соочуваат со дискриминација и други повреди на права, како лица со попреченост и нивни родители, лица од немнозински етнички заедници како Турци, Еѓипјани, Роми, Бошњаци и други, ЛГБТИ луѓе, луѓе што употребуваат дроги и се лекуваат од зависност, лица со ретки болести, сексуални работници, бремени работнички, жени од социјално ранливи категории и други.

„Услугите за правна помош и советување се доверливи, односно информациите кои ќе ги споделите ќе останат само помеѓу вас и правникот“ – се вели во повикот.

Целта на отворениот ден е да се обезбеди пристап до механизмите за заштита од дискриминација и пристап до правда и на долг рок да влијае на унапредувањето на еднаквоста во Општина Охрид.

Настанот е дел од проектот „Видливи, здружени и гласни- Акција за еднаквост и недискриминација преку учество и мултисекторска соработка“ поддржан од програмата Цивика Мобилитас.

„Твојот глас е важен! Реагирај, пријави и спречи дискриминација!“, се вели во соопштението.