Отворен ден во Дневен центар Зраци
20 години постоење одбележува Дневниот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост Зраци- Охрид. Денес по повод Денот на лицата со посебни потреби во центарот беше организиран отворен ден. На тој начин по ковид паузата повторно се продолжува со истиот концепт на работа односно со активностите за осамостојување на корисниците вели Зоран Костадиноски, Дефектолог во Дневниот центар. Тој е задоволен од состојбите во дневниот центар и потенцира дека никогаш не бил во подобра кондиција.
„Можам да кажам дека Дневниот центар веќе неколку години наназад е во добра кондиција благодарение на Локалната самоуправа, затоа што финансирањето на Дневниот центар е во рацете на Локалната самоуправа така да после подолго време можеме да размислуваме за долготрајни програми, кои секако ќе бидат видливи.“, вели Зоран Костадиноски.
Поле двегодишен период на пандемијата, која во еден период ја прекина работата на центарот, а потоа и ја измени работата со примена на мерки и протоколи , конечно секојдневието на штитениците и вработените се врати на познатата рутина. Центарот Зраци сега е подготвен за семејства коишто имаат лица со интелектуална попреченост доколку имаат интерес за згрижувањето. Костадиноски упати и апел до сограѓаните во врска со еден навидум банален проблем, но кој им го отежнува функционирањето.
„Искрено ќе ги замолам да внимаваат на паркирањето пред вратата на Дневниот центар, затоа што не е едноставно лице кое што е тешко покретно, не е доволен само пролаз, туку потребен е целиот простор да биде слободен за родителите кои што ги носат и земаат децата. Верувам дека често пати тоа се случува од невнимание, не е намерно. Еве ќе замолам искрено да не паркираат пред влезот пред Дневниот центар.“ апелира Костадиноски.
Дневниот центар сместен во простории на основното училиште Братство Единство Охрид , екипиран со две вработени лица, Дефектолог и Социјален работник чии услуги ги користат петнаесеттина лица.