Со пригодна свеченост во Белчишта и официјално беше отворен новиот Изложбен центар на Белчишкото блато.
Новата зграда беше реконструирана со грант во рамките на пограничниот проект помеѓу Грција и Македонија под работен наслов „Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во меѓуграничната област – CONSE PP.
Свое обраќање на свеченоста имаше градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески кој уште еднаш ја потенцираше важноста и значењето на ваквите погранични проекти.
Градоначалникот особено ја нагласи благодарноста до Европската унија што овој проект го препозна како еден од најуспешните проекти и даде можност за афирмација на еден од најзачуваните блатни системи во Македонија – Белчишкото блато.
Во овој Проект општина Дебрца е партнер со Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменската област „Јасен” и Шумарскиот факултет од македонска страна и општина Терми и националната организација за земјоделски науки „Деметер” Солун, од грчка страна.
Проектот е финансиран од Европската Комисија, Interreg IPA-Cross Border Cooperation Programme MK GR ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа на РМ ( 15 % ).
Целта на Проектот беше да се обезбеди одржливо управување со заштитените области, екосистемите и биодиверзитетот.
Со Проектот за општина Дебрца се обезбеди вкупно 219.555,79 ЕУР, кои се искористија за повеќе проектни активности, како што се:
-подготовка на оригинални слики и видеа од локална флора во Белчишкото Блато, развој на мобилна андроид апликација и реконструкција на објект во село Белчишта и негова адаптација во изложбен објект / музеј за флората на Белчишкото Блато.
Градоначалникот Ногачески посебно го истакна задоволството што и општина Дебрца е партнер во овој проект и дека истиот е во функција на заложбите Дебрца ( во случајов Белчишкото Блато “Сини Вирој” ) да прерасне во атрактивна еко туристичка дестинација.
Ова е прв проект од прекугранична соработка во кој учествува општина Дебрца и преку кој се стекна со нови искуства во процесот на аплицирањето и имплементација на ваков тип на европски проекти.