Свечено отворен новиот модерен трговски центар Охрид мол
Новиот долго очекуван модерен трговски центар Охрид Мол денеска со свеченост ги отвори вратите за посетителите.

Со површина од над 17.000 м2 и внимателно одбрани содржини усогласени со потребите на потрошувачите, модерниот трговски центар се очекува да го редефинира концептот за пазарување, да ја збогати понудата за охриѓани и за сите гости но и да има позитивно влијание врз локалната економија.

„Нашиот град, кој е надалеку познат по своето културно и духовно наследство, од денес добива нова содржина која ја збогатува понудата за охриѓани но и за сите туристи, посетители и гости. Со овој свечен настан не го пуштаме во употреба само овој трговски објект, туку отвораме и нова страница во економската и туристичката приказна на Охрид. „Охрид Мол“ не е само збир на продавници и брендови, тој ќе биде нова енергија во пулсот на градот, нова точка за забава, место каде што секој чекор ќе значи можност за работа, купување, за дружење, за инспирација…Овој простор ќе значи спој меѓу традицијата и модерното живеење и е еден важен доказ дека Охрид може ја чува својата историја, но и храбро да чекори напред кон иднината.“ – кажа градоначалникот Кирил Пецаков.
Градоначалникот упати честитки до инвеститорите кои, како што рече, со својата визија и храброст препознаа потенцијал, онаму каде што другите гледаа предизвици и решија својата бизнис идеа да ја реализираат во убавиот Охрид. Исто така, упати честитки и до сите компании и деловни субјекти кои отворија свои продавници и претставништва во овој мол.

„Се надевам дека креиравме не само модерен трговски центар туку и место каде што граѓаните на Охрид ќе се чувствуваат пријатно, ќе креираат убави спомени, ќе купуваат, ќе се забавуваат.
Сакам да се заблагодарам на неколку луѓе кои беа клучни за реализацијата на овај проект, тоа е пред се градоначалникот Кирил Пецаков којшто уште на првиот состанок пред две години изрази поддршка за ова да се заврши и без неговата поддршка нема да бидеме во можност да го реализираме проектов. Би сакал да се заблагодарам на сите брендови кои веруваа во проектот и се дел од Охрид мол.“ – кажа Влатко Богоевски – Охрид Мол.

Во Охрид Мол присутни ќе бидат познати модни брендови,дрогерии, маркети, игротека со површина од преку 1.300m2 и вклучен lounge бар, дополнително, забавните содржини ќе ги збогати и “Playpark”, бар и друго. Охрид Мол располага со сопствен паркинг за над 250 возила, авто перална, продавница за домашни миленици, цвеќара, гифт шоп, мобилара и останати придружни сервисни услуги.



