Отворен Почесен Конзулат на Босна и Херцеговина во Охрид
Денеска во присуство на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, градоначалникот Кирил Пецаков, амбасадорот на Босна и Херцеговина во земјава , Драган Јакимовиќ и почесни гости, во Охрид беше отворен Почесен Конзулат на Република Босна и Херцеговина. За почесен конзул е назначен познатиот поранешен кошаркар и член на Македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ.


Конзулатот во Охрид е продлабочување на добрите билатерални и пријателски односи помеѓу братските држави Босна и Херцеговина и Македонија, истакна амбасадорот на Босна и Херцеговина во земјава , Драган Јакимовиќ.

– Она што е важно да се истакне е дека Босна и Херцеговина и Македонија немаат отворени прашања, имаат одлична соработка на сите полиња, и во културата, спортот, економијата и сето она што треба да ги поврзува две држави, а отворањето на почесниот конзулат е само уште еден начин сето тоа да го подигнеме на повисоко ниво и да го зацврснеме, истакна Јакимовиќ.
Покрај конзулските услуги, почесниот конзул Перо Антиќ и амбасадорот Јакимовиќ очекуваат конзулатот да даде дополнителен импулс во зајакнување на соработката за економски и туристички развој. Посочија дека се разговара за воведување една чартер линија неделно Охрид – Сараево или со Бања Лука и изразија надеж дека тоа ќе биде реализирано од идната година.

-Охрид е нашиот бисер и треба што повеќе да помогнеме колку што можеме, јас ќе бидам една продолжена рака на амбасадата на Босна и Херцеговина во нашата држава Македонија. Се надевам на таа чартер линија да видиме да ја воспоставиме и се друго што може да се направи за доброто на Охрид и Македонија, кажа почесниот Конзул Антиќ.
-Една од задачите на почесниот конзул, конзулатот и се разбира на амбасадата е да привлечеме и што повеќе туристи од Босна и Херцеговина да дојдат во Охрид. Истоа така и граѓаните од Македонија да ја посетат Босна и Херцеговина. Двете земји имаат голем туристички потенцијал и се надеваме дека ќе помогнеме тоа да биде што повеќе искористено, псоочи амбасадорот.

Ова е осмо дипломатско – конзуларно претставништво во Охрид. Работните простории на конзулатот се лоцирани на ул. Димитар Влахов. Почесниот конзулат има јурисдикционо подрачје со опфат на подрачјето на општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Кичево, Пласница, Маврово и Ростуше и Македонски Брод.
