Skip to main content

Отворена музичката соба во МЦО, Општина Охрид пример за младинска поддршка

Станува збор за уникатен простор, прв од ваков тип во државава, кој бесплатно ќе им биде на располагање на сите млади музичари од градот. Проектот е реализиран од Општина Охрид, која во целост ја обезбеди финансиската конструкција.
 |  Маја Савиќ  | 

Музичка соба уредена и опремена по највисоки стандарди денеска беше официјално отворена во просториите на Младинскиот центар во поранешната охридска касарна. Станува збор за уникатен простор, прв од ваков тип во државава, кој бесплатно ќе им биде на располагање на сите млади музичари од градот. Проектот е реализиран од Општина Охрид, која во целост ја обезбеди финансиската конструкција.

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека отворањето на музичката соба е логично продолжение на развојот на младинските политики во општината и вложувањето во младите.

„Давајќи содржина и душа на целата приказна која ја почнавме со младинскиот центар кој што функционира во општина Охрид, следниот чекор го гледаме денеска. Тоа е оваа музичка соба која што е опремена од страна на Општина Охрид. Од изолација, звучници, микрофони, па и инструменти и сето она кое што е потребно за музичките групи да имаат можност да да имаат проба, да имаат место каде што ќе го прават сето тоа нивна работа, само да дојдат да се вклучат на миксетата и да уживаат во она кое што го работат и за кое што се собрани како музички групи. Овој концепт е единствен по тоа што ние како локална самоуправа и овој младински центар, сето она кое што го правиме буквално бесплатно на располагање на младите, точно го следиме Законот за млади. Би рекол дека сме сериозно напред во однос на спроведувањето на истиот, за што сум посебно горд затоа што младите се како целина и како дел од она за кое што општина треба да се грижи можеби и нешто што е за нас најважно. “ – истакна градоначалникот.

Ова е прв јавен, отворен и бесплатен простор наменет за музичари, бендови и сите млади кои сакаат да се занимаваат со музика. Музичката соба располага со современа и професионална опрема: 18-канална дигитална миксета, активни звучници, различни видови микрофони, студиска опрема за снимање, сет тапани, бас гитара, клавијатура, како и најсовремена камера. Просторот е целосно звучно изолиран, што овозможува непречена работа без да се наруши околината.

Раководителот на Младинскиот центар, Јован Цветкоски, посочи дека интересот кај младите веќе е голем и дека просторот има потенцијал да создаде нови музички имиња.

„Има доволно опрема за користење, секако тука и самите музичари коишто доаѓаат секогаш си носат нешто дополнително што им е потребно. Поентата е да се развива и од тука да излегуваат не само бендови кои веќе постојат во Охрид и сакаат простор за да вежбаат , туку и млади музичари, што за нас е на пример и малку поважно да доаѓаат тука со ментори, со професори, да вежбаат, да пробуваат и да излезат нови групи како што имало пред 10 -15 години од училиштата, знаеме особено од средните излегува нон стоп нови музички групи. Веќе почнаа, значи уште пред официјално да отвориме доаѓаа да си свират, така што сега нема изговор веќе бесплатно е. Се договараме за користење и си правиме календар. Да биде фер за сите. “ – вели Јован Цветкоски- Раководител на МЦО .

Извршниот директор на Коалицијата на младински организации „СЕГА“, Зоран Илиески, оцени дека Охрид претставува пример за успешно спроведување на младинските политики.

„Кога станува збор за Законот за младинско учество и младински политики, Охрид, општината Охрид е единствена која што ги исполнува сите услови, а ова што денес го правиме, го зголемуваме тој, тој пример на младинска поддршка на локално ниво со уште еден сегмент, а тоа е музичката соба, која што исто така претставува основен пример како една општина треба да се грижи за своите млади. Младинскиот центар во Охрид е согласно нашето знаење на коалиција „Сега“ и сите искуства кои што ги имаме во делот на политики и работа со млади е единствен на Балканот во делот на услуги, опременост и се она што нуди на локалните млади. Но музичката соба е нова енергија која што се дава на оние, особено на оние млади кои што секојдневно бараат начин како да ги испробаат своите гласовни и способности или своите вештини за музика. “ – истакна Зоран Илиески, Извршен директор Коалиција СЕГА.

Музичката соба е вредна 639.663 денари и е целосно финансирана од буџетот на Општина Охрид. Според најавите на градоначалникот Пецаков, оваа успешна младинска приказна во Охрид која се развива на просторот на поранешна касарна ќе биде заокруѓена со изградбата на Младински културен центар, со што ќе се создадат уште подобри услови за младите да творат и да се развиваат.