Skip to main content

„Го сакам Охрид… ама го љубим и Тетоо“

Отворена самостојната изложба на Ѓоко Симјаноски во Тетово

Овде на сликите има неколку објекти што повеќе ги нема, за жал. Во трката за многу пари, но во трка која нè носи во беспаќе, ние изгубивме многу убави нешта кои за жал повеќе не постојат“, истакна на отворањето авторот Симјаноски.
Изложба Ѓоко Симјаноски Тетово

Во концертната сала на поранешниот Дом на Армијата во Тетово синоќа беше отворена самостојната изложба на охридскиот сликар Ѓоко Симјаноски. Изложбата која е насловена „Го сакам Охрид… ама го љубим и Тетоо“ е можност љубителите на уметноста да видат 45 дела во сув пастел со мотиви од Охрид и Тетово.

„Овде пред тетовчани ми е особено драго, што ги видов од моите роднини и многу пријатели и се најдовме после многу времиња. Понудувам 45 мои записи од мојата љубов кон Охрид но и кон Тетово, бидејќи сум половина тетовчанец. Ова е на некој начин и мој аманет кон идните генерации да го сочуваат ова богатство што постои во Македонија. Без разлика дали тоа се наоѓа во Охрид, или се наоѓа во Тетово. Овде на сликите има неколку објекти што повеќе ги нема, за жал. Во трката за многу пари, но во трка која нè носи во беспаќе, ние изгубивме многу убави нешта кои за жал повеќе не постојат“, истакна на отворањето авторот Симјаноски, пренесе МИА.

Сликите се создавани во период од четири години. Оваа изложба го овековечува несекојдневното секојдневие, сведочи за колоритноста и отвореноста на веќе одминатото време, трагајќи по нова енергија и нови приказни кои ќе се доживуваат и прераскажуваат.

„Ова е еден апел, еден повик, сите да ја сочуваме нашата историја да го сочуваме она што го имаме, бидејќи ако го немаме тоа, немаме ништо. Ако нема љубов, што е основното нешто што го движи општеството тогаш ќе нè нема и нас и ќе нема и идните генерации. И затоа сето ова што го гледате е израз мојата голема љубов кон нешто што ми подарил Господ што се вели за да можам ги создадат вакви какви што се. “– вели Симјаноски.

Ѓоко Симјаноски роден е во Скопје во 1947 година, по професија електро инжинер. Освен во струката, како надворешен соработник работел во Радио Охрид (над 32 години) и Телевизија ТВМ Охрид. Добитник е на Наградата Сребрена значка за најдобар прилог од Здружението на на локалните радио станици на Македонија. Од 1996 година до 2018 година, уредник и водител е на емисијата за филм „Филмско око“, во траење од 22 сезони со вкупно 878 емисии. Има изработено голем број на емисии и документарни прилози и филмови, меѓу кои и над 350 емисии на „Музички слалом“, 90 емисии на „Кино бавча“, како и филмовите „Охридското кино Парадизо“, „Песната како повод за разговор“ (1 и 2), „Охридските брилијанти“, „Живот како виножито“ и др. Во 1997 година има поставено прва самостојна изложба во Охрид, под насловот „Охрид, Охрид, Охрид убав мил“, како и истата година во Кичево – со насловот „Охридски мотиви“. Оваа година, во февруари во Охрид ја има поставено самостојната изложба на портрети „Беше еднаш Холивуд“. Има учествувано на голем број на ликовни колонии и групни изложби.

Активен член е на фото – клуб „Охрид“ веќе 10 години, со учество на сите годишни изложби на клубот.

Извор: МИА