Отворена сезоната на пливачките школи
Со започнување со работа на пливачките школи за млади денеска и официјално беше пуштен во употреба реконструираниот базен „Атина Бојаџи“. Од санацијата на олимпискиот и детскиот базен најзадоволни се децата кои во подобри услови ќе учат да пливаат и да ги усовршуваат пливачките техники.
Неописливо е чувството повторно да се слушне детскиот џагор на градскиот базен „Атина Бојаџи“, реновиран после десет години, потенцира градоначалникот Кирил Пецаков кој посочи дека до овој момент во охридските пливачки школи се пријавиле над 300 деца.
„Реконструкцијата на базенот е инвестиција на Општина Охрид и ЈП Билјанини Извори, а следната година ќе има дополнитлни инвестиции во уредувањето на просторот околу базенот. Уредени се и трибините кои беа во распаѓање. Сето ова се прави првенствено за пливачките школи да можат да тренираат, бидејќи пливањето е еден од најдобрите спортови за развој на нашите деца. Охрид порано бил расадник на млади и успешни пливачи, а нашата цел е секако тоа да се возобнови.“ – истакна Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Директорот на ЈП „Билјанини Извори“, Теодор Андоноски кажа дека уште од самото доаѓање на раководната функција во јавното претпријатие заедно со градоначалникот се фокусирале на подобрување на условите на градскиот базен знаејќи ја моќта на пливањето за здравиот развој на децата, а дополнително и за развојот на туризмот.
„За нас квалитетот на водата и безбедноста на нашите корисници во самите базени се главен приоритет и затоа одлучивме стартот на средувањето на градскиот базен „Атина Бојаџи“ да биде токму од таму. Можеби за некој од нас кога ќе ги гледаме годините наназад и се што се правело или не околу подобрување на условие на базенот, ова е голема работа, верувајте за мене и за нашата визија ова треба да биде само почеток кон комплетно реконструирање на целиот комплекс околу нас.“– дециден е Андоноски

Охрид, за прв пат после дваесет години, ќе биде домаќин на државно првенство во пливање на кое е покровител Општина Охрид. Првенството на градскиот базен Атина Бојаџи ќе се организира од 15 до 18 јули и на него ќе настапат најдобрите пливачи од Македонија кои остварените резултати во Охрид во иднина ќе можат да ги користат за добивање стипендии и тајминзи за настапи на европски и светски првенства. Во јули Базенот ќе биде домаќин и на Меѓународен митинг во организација на пливачкиот клуб „ Аква Спирит “ на кој ќе настапат пливачи од Србија, Бугарија и Македонија.