Отворена Спомен соба на Шестата македонска ударна бригада
Здружението на ветераните и резервисти од одбраната и безбедноста на Македонија-регион Охрид, СВР Охрид и Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) – регион Охрид, денеска на заедничка средба, го одбележаа 7 мај, денот на македонската полиција. Пензионираниот полицаец Димитрија Стојчески, кој од 1958 година работел во службата на граничниот премин Ќафасан со уште мал број полицајци во тоа време, денес се заблагодари за присуството на овој за него голем ден.
„Полицајци јас додека бев цело време бевме четворица, Шумеликоски, Драгољуб и Крстески Борче и Димитрија Стичјески. Јас од 1958 година, а се пензионисав во 1986 година. Работев на меѓународниот граничен премин Ќафасан. Чест и задоволство ми е во мое име да ви го честитам денот на македонската полиција 7-ми мај.„ – изјави Димитрија Стојчески – полицаец во пензија.
Македонската полиција денес е современа институција, кадровски и логистички подготвена да одговори на сите предизвици, а СВР Охрид претставува современа полициска организација којашто работи на подигнување на безбедноста во рамките на подрачјето кое го покрива, полиција, која е партнер на граѓаните кажа Стефан Димоски – портпарол СВР Охрид.
„Ефикасно градиме силна полиција, полиција партнер на граѓаните која работи во интерес на граѓаните и којашто ефективно ги решава сите проблеми на безбедносен план, од јавниот ред и мир до имотните деликти. Најзначајное пронаоѓањето на сторителите и изнесувањето пред лицето на правдата.“ – изјави Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид.
Во рамките на свеченоста, на која, покрај полициски службеници и членови на здруженијата, присуствуваа и претставници на Локалната самоуправа, беше отворена спомен собата на 6-та македонско народно ослободителна ударна бригада. Идејата на Полковник Добре Велјаноски, претседател на Здружението на ветарените од одбраната на Македонија, како еден од командантите во Касарната Михајло Апостолски, била да се одбележи името на Шестата бригада, по затворањето на охридската касарана.
„Веднаш се фатив во акција доброволно и во Белчишта направивме Спомен соба на НОВ во Дебрца, каде што беше и дел од Шестата бригада. Меѓутоа не застанавме на тој пат, продолживме. Направивме Спомен соба и во Сливово на Првата македонско-косовска бригада, бидејќи во Скопје имав прилика да отидам во Спомен собата во единицата која ја имаше истата судбина како оваа и сакав некаде да биде изворно на местото во селото каде направивме спомен соба. Понатаму, направивме Спомен соба посветена на главниот штаб на НОВ и ПОМ.“ – кажа Добре Велјаноски, претседател на Здружението на ветарените од одбраната и безбедноста на Македонија.
Во спомен собата изложени се паноа на кои можат да се видат документи и фотографии за бригадата во периодот од 1945 до 1991 година . Активностите на бригадата, од обуки, до свечени дочеци на генерал Михајло Апостолски и секако пано на бранителите кои во 2001 година го дадоа својот живот за оваа држава. Изложени се знамињата на Ветераните и Армијата на РМ. Заменик градоначалникот Перчо Божиновски рече дека живееме во време кога повеќе од кога и да било претходно општата безбедност е ставена на испит. Посочи дека ваквите манифестации се значајни и мора да бидат патоказ кон подобра иднина за сите а посебно за помладите генерации.
„За да се пренесе онаа важност кон помладите генерации, дека никогаш не смеат да потклекнат пред испитот на безбедноста и сигурноста . односно во секој момен да бидат свесни за своите постапки, а ваквите настани да придонесат кон нивното вклучување и однесување.“ – изјави заменик-градоначалникот Перчо Божиновски.
Минатата година, во чест на 7 мај, денот на македонската полиција, Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) регион Охрид и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Македонија-огранок Охрид, потпишаа меморандум за соработка.Средбата се одржа во кругот на поранешната касарна во Охрид, а во рамки на свеченоста беа реализирани и забавна и спортска програма.