Skip to main content

ОУ „Братство Единство“ доби награда Европска ознака за квалитет

Учениците од ОУ „Братство Единство“ покажале високо ниво на соработка и успех во силна конкуренција од голем број Европски земји. Имаме квалитетни ученици со кои се гордееме, велат наставниците од Турски наставен јазик кои учествувале во Еразмус плус проекти на платформата Е твининг.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридското основно училиште „Братство Единство“ доби награда Европска ознака за квалитет. Во проектот учествувале педесетина ученици од Турски наставен јазик од прво до деветто одделение во осум проекти од природните и општествените науки. Учениците минатата година се вклучиле во проекти по личен избор и интерес, а еден од проектите е на тема „Моето семејство во пандемија“. Во време на пандемијата која донесе многу негативни работи се случија и некои позитивни како што е учество во заеднички активности и зајакнување на соработката помеѓу родителите, учениците и наставниците, вели одделенскиот наставник Фахрие Реџеп.

Се работи за нова генерација на ученици .т.н Z генерација, ги опфаќа нивните интереси за да ги заинтересираме повеќе во наставата. Користиме дигитални алатки за да ги заинтересираме, тие растат со нив, користевме веб 2 алатки за поуспешно да стигнеме до цел. За нив е поттикнувачки што запознаваат нови пријателства насекаде од Европа – истакна Реџеп.

Европската ознака за квалитет е голема сатисфакција за наставниот кадар од ова основно училиште. Ни дава поттик да работиме и да ја направиме  поинтересна и поуспешна наставата за учениците, вели Сезен Таип, наставник по математика.

Кога почна онлајн наставата сите гледавме со доза на сомневање како ќе се одвива наставата, но немавме пречки. Спротивно, учениците беа заинтересирани и ги работеа навреме задачите, беа и поактивни. Имавме прва награда по ликовно и на тема од математика. Имавме соработка, тоа се амбициозни деца и реално имаме квалитетни ученици – додава Таип.

Европската ознака за квалитет е прва награда за учество во Еразмус плус проект на платформата Е твининг на ОУ „Братство Единство“. Училиштето е добитник и на награда од Националната агенција која ги поддржува Еразмус плус проектите.