Со песна, детски насмевки и уметничка програма одбележан патрониот празник на ООУ „Дебрца“

Со пригодна свечена програма, изложба на ученички творби и активности посветени на родниот крај, вчера беше одбележан патрониот празник на ООУ „Дебрца“.

Во рамки на чествувањето беше оддадена почит и на значајни личности од локалната историја. Одбележувањето започна со положување свежо цвеќе пред споменикот во Сливово, како и пред спомен-бистата на Трајче Дојчиноски во Белчишта.
Во училишниот хол беше поставена изложба на најдобрите ликовни и литературни творби на учениците, а централниот дел од прославата го одбележа уметничка програма во која учениците преку песна, творештво и креативност ја изразија љубовта кон Дебрца и Македонија.

На свеченоста присуствуваше градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, кој посочи дека патрониот празник за него има и лична симболика, бидејќи и самиот бил ученик во ова училиште.
„Децата во Дебрца заслужуваат најдобри услови да сонуваат големи соништа и да израснат во силни луѓе“, истакна Сиљаноски.
Тој ги посочи и досегашните активности за подобрување на условите во образованието, меѓу кои реновирањето и модернизацијата на училишните простории, обезбедувањето бесплатни ученички униформи и бесплатен превоз за сите ученици, финансиската поддршка за секое запишано прваче, како и паричните награди и стипендии за најуспешните ученици.
Одбележувањето на патрониот празник беше во знакот на почит кон традицијата, локалното наследство и вложувањето во образованието и младите генерации.















