Skip to main content

Совет на Општина Охрид

ОУ„Кочо Рацин“ ќе се сели на нова локација

Со обезбедување на одобрението за реконструкција од страна на Секторот за урбанизам, ќе заврши административниот дел од процедурата за проектирање на новиот објект во поранешната касарна, каде треба да се префрли Основното Училиште „Кочо Рацин“. Проектот за реконструкција ќе чини речиси деведесет милиони денари. Доколку Министерството за образование не помогне финансиски во реализацијата, заложба на Локалната е сама да го реализира овој процес со буџетски средства во период од неколку години.
 |  Голабовски Крсте  | 
ОУ Кочо Рацин

Основното училиште „Кочо Рацин“ ќе се сели на нова локација, во просторот на поранешната касарна. Но, кога тоа ќе се случи, зависи од обезбедување на потребните финансии за реализацијата на овој голем проект за кој се залага Општина Охрид. Стојан Митрески, советник од редовите на СДСМ во советот на Општина Охрид, побара објаснување од претставниците на локалната власт за тоа до каде е реализацијата на овој проект.

„Се работи на конкретен проект за префрлање на училиштето од постоечката локација, на локација кај касарната. Сакам да прашам до каде е таа работа, поконкретно да ми кажете. “ – рече Митрески.

„Завршена е комуникацијта помеѓу Секторот за урбанизам и забелешките кои ни беа доставени, исправени се и деновиве очекуваме Секторот да издаде одобрение за реконструкција“, кажа Димитар Спасески,  раководител на Сектор за Образование при општина Охрид.

Целосната изведба на проектот ќе чини 88 милиони денари, работа која дополнително треба да се разгледува. Доколку Министерството за образование не помогне финансиски во реализацијата, заложба на Локалната е сама да го реализира овој проект со буџетски средства, во период од неколку години, истакна  Спасески.

„МОН има еден отворен јавен повик за сите општини кои подготвиле документација и издале одобрение, да побараат средства. Меѓутоа за жал еве за овие две години кои сум јас во Секторот за образование, иако сме доставиле неколку иницијативи вклучително како што беше за основното Училиште „Григор Прличев“, не сме биле удостоени со одговор. Градоначалникот има едно размислување, за следната година да се обидеме со буџетски средства, во период од неколку години, но она што е сигурно, е определбата на Локалната самоуправа да влезе во тој процес.“ – кажа Спасески.

Со обезбедувањето на одобрението, проектот ќе биде доставен до Министерството, рече раководителот Спасески. Објасни дека доколку Локалната сама ја изврши реконструкцијата, ќе бидат потребни две или три буџетски години. Доколку ја добијат поддршката од Министерството за образование и наука, процесот би одел многу побрзо, но Спасески не е оптимист дека во овој состав, од Министерството ќе имаат слух.