Skip to main content

ОУ Кочо Рацин Охрид

ОУ „Кочо Рацин” трасира нови патеки и гради мостови на пријателство

Изминатите денови дваесет ученици од ОУ „Кочо Рацин“ беа домаќини на учениците од збратимените училишта од Белград и Фоча.
 |  инфодеск  | 
ОУ Кочо Рацин Охрид

Еден поинаков почеток на школската година, исполнет со нови предизвици и пријателства за учениците од три основни училишта „Кочо Рацин” Охрид, „Веселин Маслеша“ од Белград и „Веселин Маслеша“ од Фоча.

Изминатата учебна година наставниците ги поставија темелите на мостовите на пријателство, а овој септември учениците ги трасираа тие мостови. Изминатите денови дваесет ученици од ова училиште беа домаќини на учениците од збратимените училишта од Белград и Фоча.

„Секоја година иницираме голем број вонучилишни активности кои имаат за цел да ги зајакнат социјалните вештини на учениците, да го подобрат нивното ментално здравје, да го поттикнат нивниот личен раст и развој во насоката во која веќе пројавиле интерес или имаат претходни знаења и искуства и да им помогнат да се изградат во индивидуи кои придонесуваат и се грижат за заедницата. Поврзувањето на наставниците од трите збратимени училишта поттикна креирање нов eTwinning проект, а сѐ ова ни беше инспирација да ја започнеме иницијативата Мостови на пријателство. Големата поддршка која ја добивме од Советот на родители ни даде дополнителна мотивација да се приклучат поголем дел од наставниците во креирање и реализација на активности со учениците. “ – вели директорката на ОУ Кочо Рацин, Славица Котеска.

Активностите на учениците започнаа во предвечерието на 31 август со запознавање на легендата на Билјана кај Билјанините извори каде платното го белеше, а продолжија со несекојдневната можност да го проследат првиот Џез фестивал и заедно со нивните наставници и директори уживаа во македонската музика. Почетокот на учебната година го прославија со повеќе работилници.

„Две од нив се реализираа во училиштето. Со работилницата „Let’s make change” уште еднаш покажавме зошто сме добитници на еко плакетата School of Excellence и плакетата eTwinning School, а со работилницата 3„Е” покажавме колку грижа посветуваме на воспитанието на учениците и нивното ментално здравје, како и справување со емоциите, а со тоа започнавме со реализација на првата активност од низата активности кои ни претстојат во реализацијата на нашиот нов eTwinning проект. Светот е отворена училница, а ние како училиште во секоја прилика се трудиме на нашите ученици да им го овозможиме тој процес на учење. “ – посочува директорката Котеска.

Учениците од трите збратимени училишта имаа можност да откријат зошто Охрид е град на УНЕСКО со природно и културно наследство со посета на културно-историските споменици во стариот дел на градот и уживање во водите на прекрасното Охридско Езеро. Вечерните часови беа можност за дружење и забава со одлична музика. Третиот ден учениците ги истражија убавините и историјата на Заливот на коските и манастирот Св.Наум, а попладневните часови ги поминаа на терените од х.Аквалина.

Водени од идејата дека преку спортот се создаваат генерации кои пред сѐ ќе прераснат во млади луѓе со добри човечки особини, но и со одлични спортски способности, за учениците беа организирани спортски игри. Со низа спортски активности се јакнеше натпреварувачкиот дух, учениците спортуваа, се натпреваруваа, но пред сѐ добро се забавуваа.

Учениците имаа можност заедно да соработуваат, да разменат вештини и знаења, да создадат решенија, да искусат различни емоции, да го јакнат натпреварувачкиот дух, да растат на лично поле, но и како тимски играчи, да се дружат и забавуваат. „Ние докажавме дека мостовите на пријателство се најцврсти кога се изградени на цврсти темели од соработка, размена на идеи и вештини.“ – велат од ОУ Кочо Рацин.