Ова се членовите на Комисијата што одлучи да се пресече борот кај Летница
Не стивнуваат реакциите за сечењето на борот кај Летница. Од петте дрва кои правеа ладовина на овој простор сега останаа 4, а на две им беа поткастрени гранките. Охридската јавност и овој пат е иритирана од леснотијата со која Комисијата за сечење дрва на јавна површина издава решенија.
Еколошки освестените луѓе упатуваат осуда за сечењето на борот кај Летница, критикувајќи дека сечењето треба да биде последна опција, а социјалните мрежи вријат со најразлични коментари.
„Изгледа ќе чадит само афалт како во Скопје“,
„Уште две три маси плус“,
„Суви гранки се кастрат, цело дрво само кај нас“,
„Страшно беше кога падна гранката. Таа беше трула и требаше само да ги потсредат гранките затоа што стеблово што го гледам е здраво. Не сум експерт ама душата ме боли“,
„Од каде оваа омраза кон дрвјата. Како епидемија низ цела Македонија! Едно време имаше забрана за сечење дрвја“,
„Најубавите сенки, не ми се верува. Тие се традиција. Голема штета“,
„За да не паднеше гранката од дрвото некој треба да се грижи предходно во каква состојба се токму тие повеќедецениски дрва на култни места“,
Ова се само дел од коментарите на социјалната мрежа фејсбук.
Граѓаните бараат транспарентност и објаснување од стручните лица кои даваат препораки што и кога ќе се сече од зеленилото во градот. Објаснувањето кое редовно се пласира од локалната , присекое сечење на стебло, дека било труло, веќе не поминува кај граѓаните. Тие споделуваат слики од стеблата кои не изгледаат трули. Нешто е труло во Комисијата, коментираат јавно.
Телевизија ТВМ се обиде да стапи во контакт со членовите на Комисијата за сечење дрва при локалната самоуправа.
Побаравме информација кои лица ја сочинуваат истата.
Хавза Какељ – претседател, дипломиран хемиски инжинер ,
Јасминка Момироска член, дипломиран технолог,
Горица Гаврилоска член, дип.инж. архитект, Вера Костоска член, дип. правник
Трајан Љаткоски, член, дип.шумарски инжинер, се 5- те членови на оваа Комисија.
Од нив не добивме одговор на нашите прашања дали сечењето било последната опција, дали не можело дрвото само да се поткастри за да не претставува опасност по безбедноста на граѓаните, дали имаат коментар на критиките од јавноста дека дрвата што се сечат не се трули, зошто не излегуваат стручно да и ги објаснат на јавноста своите одлуки и други.
Од комисијата не упатија на портпаролот затоа што немале дозвола да даваат изјави.
Портпаролот на општина Охрид кратко не брифираше дека дрвото било на јавна површина сопственост на РМакедонија . Комисијата за сечење дрва излегла на терен да направи увид на барање од АД „Охрид турист“ бидејќи на почетокот од јуни паднала гранка која за среќа не повредила никого. Од Охрид турист која стопанисува со Летница, побарале стручно мислење за стеблото. Портпаролот ни го цитираше решението во кое Комисијата како образложение за сечење навела дека дрвото претставува опасност по луѓето и материјалните добра.
Ова не е прв пат да се сечат дрва за кои јавноста смета дека можеле да се спасат.
А молкот од страна на комисијата го подгрева гневот кај граѓаните кои секојдневно гледаат како градското зеленило им се проретчува.
Пред само неколку недели , со нивен амин беше исечен дрворедот на Туристичка, на рекреативната патека и кај каналот Студенчишта. Никој не кажува дали градот има Стратегија како да се негуваат стеблата на јавна површина и како плански да се садат дрвата, дали пред сечењето на стебалата се ангажираат стручни лица кои треба да дадат совет дали може да се спасат дрвата кои се бели дробови на еден град, кога да сечат и какви дрва да се засадуваат.