Оваа година нема доделување на Св. Климентовата повелба
Денес се разгледуваа пристигнатите апликации за добивање Св. Климентова повелба. Комисијата за одбележување празници и манифестации, доделување награди и признанија одлучи оваа награда годинава да не биде доделена. Причина, малиот број на кандидати кои конкурирале за наградата.
Оваа година нема доделување на Св. Климентовата повелба. Така едногласно одлучи Комисијата за одбележување празници и манифестации, доделување награди и признанија до која пристигнале три апликации, но ниту една од нив не ги задоволувала критериумите за добивање на ова престижно општинско признание.
Од она што го разгледавме Комисијата поради малиот број на апликации одлучи оваа година да не се додели повелбата. Се надеваме дека сите заедно ќе поработиме до година оваа манифестација да си го врати стариот сјај и што поголем број граѓани да конкурираат за да ја добијат оваа награда, вели Дејан Паноски- претседател на Комисијата за одбележување празници и манифестации, доделување награди и признанија.
Ова покажува дека граѓаните се помалку се одлучуваат да конкурираат за добивање на оваа награда. Причините за демотивација на охриѓани за да се кандидираат за Св. Климентова повелба можат да се бараат на повеќе места, вели Паноски.
Треба да се направи поголема промоција на Охрид и неговите вредности. Да се развива охридизмот и се што е охридско и да не дозволиме да исчезне оваа манифестација, вели Паноски.
Заврши и конкурсот за аплицирање за Св. Климентовата награда за животно дело. Апликациите ќе ги разгледува посебна комисија на чело со градоначалникот Никола Бакрачески. Пристигнати се две, но кој ќе биде добитникот ќе одлучи градоначалникот. Околу тоа како ќе се чествува празникот и каква ќе биде програмата допрва ќе расправа работниот тим кој е формиран за таа намена. Генерално прославувањето ќе биде како и минатите години, а за деталите ќе се знае во текот на оваа едела.