Овации за претставата Секс, лаги и љубомора
Воодушевување и стоечки овации доби вчерашната претстава „Секс, лаги и љубомора“ со која Народниот театар Охрид ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“.
Професионалните актери Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ –Тодороска, Елизабета Стефановска, Билјана Билаловиќ – Вељаноска и Марија Новак покажаа извонредна игра под режисерката палка на еден од најголемите македонски режисери, Коле Ангеловски.
„Вчера од охридската публика почувствував едно големо и топло добредојде кое не се опишува со зборови“, вели актерката Марија Новак по премиерата.
Таа е дел од драмскиот ансамбл на МНТ, но своите аматерски почетоци во глумата уште како средношколка во 1985 година ги имаше во охридскиот Дом на културата. Вели дека низ годините била дел и поддржувач на сите иницијативи за формирање на професионален театар во Охрид што конечно се случи во 2011 година. Тоа што сега добив покана да бидам дел од оваа претстава за мене претставува огромна радост, вели актерката.
Многу сум благодарна на прво место, уживав во проектот, во работата, со Коле Ангеловски не соработуваме по првпат. Исто така со оваа екипа одамна немам работено. Уште не се налегнати впечатоците сосема ама сум среќна, радост е емоцијата која шо можам да ја опишам моментално. Текстот беше добар, одлично напишан, имаме извонреден режисер, докажан и реков можеме да направиме одлична претстава и многу сум среќна што токму тоа се случи. Целиот колектив игравме едни за други и за нашата охридска публика. Пресреќна сум – истакна Марија Новак.
Актерите, секој обликувајќи го совршено својот лик, на сцената донесоа претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта, за ведрата страна на животот, за малите искри во секој човек.
Оваа претстава сум многу среќна што гледачите ја окарактеризираа како извонредна претстава. Јас дома околу мене имам луѓе кои се мои критичари од кои барам да ми кажат што не е добро во претставата и сите тие кои често ми наоѓаат забелешки за одредени претстави, за вчерашната немаа текст и тоа е уште еден слој радост – кажа Новак.
„Охридскиот народен театар има прекрасен тим, соработувавме и ги работевме улогите во претставата во едни професионални околности“, вели Новак за своите охридски колеги. Потенцира дека овие актери и овој театар и градот заслужуваат подобри услови.
Недостигаат средства кои само министерството за култура односно владата може да ги одобрат за да се дооформи целата структура на техничките служби кои се потребни за да го опслужуваат театарот затоа што театарската уметност е комплексна работа и потребен е и простор и персонал и актери – потенцира актерката.
Враќањето на оваа сцена откаде што тргнав во 1984 година, на којашто се борев за ние да имаме охридски театар и во којшто сега играв само ја засили во мене енергијата да се заложам и да апелирам да се одобрат средства овој театар да добие и репрезентативна театарска зграда, вели Новак.
„Секс, лаги и љубомора“ вчеравечер предизвика огромен интерес кај публиката, но единствена дамка беше изборот на простор, односно тоа што се одигра на малата сцена во Центарот за Култура наместо на Долни Сарај како посоодветен за драмската програма на Фестивалот Охридско лето.
Од Народниот театар Охрид, најавуваат дека претставата на есен ќе се најде на нивниот редовен драмски репертоар.