Skip to main content

JП „Охридски комуналец“ ќе отвори депо за бесплатно одлагање на кабаст и зелен отпад

 Дневно, службите на комуналното претпријатие  расчистуваат од градот и околината и по 16 метри кубни диво депониран отпад  и градежен шут. Повикуваат  инспекциските служби и поддрачното министерство за внатрешни работи да постапуваат по  Законот за јавна чистота и да ги санкционираат прекршителите. 

 |  Валентина Неловска  | 

 

Екипите на ЈП Охридски Комуналец подигнаа 4 кубици диво депониран отпад во поранешна Касарна. За чистење на дивите депонии користеа механизација. Секојдневно, расчистуваат и по 16 метри кубни диво депониран отпад од локации каде што е казниво според Законот за јавна чистота. За да се справат со грдата слика на терен кои ја прават несовесните лица, наскоро ќе има нова можност, информира Стевчо Маслов од ЈП „Охридски Комуналец“.

„Решивме да направиме едно депо во кругот на механизација каде граѓаните ќе може да го депонираат таквиот отпад. Зборуваме за кабаст и зелен отпад, но не и градежен шут. Депонирањето во кругот на механизација ќе е бесплатно и ќе е отворено 24 часа“.

Дивите депонии се прават скоро на истите места во разни делови од градот. Иако, граѓаните може да ја користат услугата со најава подигање на кабаст и зелен отпад по населби и со повик до службите на ЈП за да го подигнат ваквиот вид отпад од дома тоа не го практикуваа. Оваа можност не даде поголеми резултати во справувањето со дивите депонии. Поединци неконтролирано се однесуваат и создаваат лош имиџ за градот, прават диви депонии оставајќи делови од покуќнина, зелен отпад или градежен шут најчесто покрај контејнерите.

 

„Оваа појава се провлекува со години. Бараме ангажман на инспекциските служби и поддрачното министерство за внатрешни работи бидејќи само тие може да превенираат или да казнат“.

Утрово, екипи на ЈП „Охридски комуналец“ подигаа зелен отпад од Сараиште, отстрануваа дрво во паркот Билјанини извори соборено од вчерашното невреме. Расчистуваа диви депонии на Булевар Туристичка, Кеј Македонија и во делот на Касарна.