Пациентите од југозападна Македонија ќе примаат терапија за мултиплекс склероза во „Св. Еразмо“ – Охрид

Потпишани протоколи за дисперзирање на терапијата за мултиплекс склероза, со што се овозможува пациентите да ја добиваат терапијата поблиску до местото на живеење, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
Протоколите се потпишани со Универзитетската клиника за неврологија, Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје и Клиничката болница во Штип.
Досега сите 835 пациенти кои примаат имуномодулаторна терапија биле упатувани на Клиниката за неврологија во Скопје. Од нив, 491 пациент живее надвор од скопскиот регион, што значело редовни месечни патувања до главниот град, а во многу случаи и потреба од придружник.
Со новиот модел, започнувањето на терапијата ќе се врши на Клиниката за неврологија, додека следните дози пациентите ќе можат да ги примаат во регионалните здравствени центри. Се очекува до 692 пациенти, односно околу 83 проценти од вкупниот број, да ја добиваат терапијата поблиску до своето место на живеење.
Новата организација предвидува контролни прегледи на секои шест или 12 месеци, со можност за одржување дигитални конзилиуми. Во регионалните центри ќе може да се аплицираат и современи биолошки лекови во субкутана форма.
Преминот кон регионален центар ќе биде доброволен и ќе се спроведува со писмена согласност од пациентот.
Дисперзирањето на терапијата треба да го намали финансискиот, временскиот и физичкиот товар за пациентите и нивните семејства, а истовремено да придонесе за зајакнување на капацитетите и проширување на улогата на регионалните болници.
Моделот може да послужи и како основа за слична децентрализација на здравствените услуги во други области, вклучително и во онкологијата.
Со оваа промена се одговара на долгогодишните барања на Здружението за мултиплекс склероза, со поддршка од Клиниката за неврологија и вклучените регионални болници.




