Skip to main content

Панчевски: Законот за легализација на дивоградби-надеж за акционерите во Отекс дека ќе дојдат до својот капитал

На состанокот кој акционерите од Отекс го одржаа со Панчевски беше формиран управен одбор на АД Отекс кој ќе ја продолжи правната битка на сопствениците на акции во некогашниот конфекциски гигант.

 |  Мишел Наумоски  | 
oteks

Капитал во вредност од 12 милиони евра е тековната состојба во акционерското друштво “Отекс”, охридскиот конфекциски гигант кој сеуште постои како фирма, но нема органи на управа, според адвокатот на акционерите, Игнат Панчевски. На состанокот кој тој го одржа со сите засегнати акционери кои се обидуваат да дознаат што се случува со капиталот, односно акциите кои тие ги поседуваат во некогашниот гигант, тие беа информирани за моменталната состојба која Панчевски ја открил, а врз основа на податоци за кои тој вели дека се добиени од Централниот регистар. Според истите, од 2006та година кога било свикано последното акционерско собрание, и друштвото било трансформирано, а на чело на истото застанал одбор на директори, па се до 2012та година, сите директори во одборот си поднеле неотповикливи оставки.

oteks objekti“Од тој период, од 2012 година, Отекс е како мртов брод без морнари, без кормилари, без ништо. Што била поентата. Поентата била да се прави криминал, а да не одговара никој. Затоа вие ми викате адвокате се руши, адвокате се гради, тоа е се на црно, на диво. Не можеме да кажеме овој со име и презиме украде повеќе, овој украде помалце. Во однос на кражбите ќе утврдуваме дополнително, но сега што треба да се прави. Бидејќи има брод што плови, со капитал од 12 милиони евра.”-вели Игнат Панчевски, правен застапник на акционерите во АД „Отекс“.

Адвокатот Панчевски на акционерите во “Отекс” кои тој ги застапува им порача дека нивните шанси да добијат дел од имотот на акционерското друштво кој им припаѓа согласно акциите кои ги поседуваат, со носењето на Законот за легализација на дивоградби станале многу поголеми. Според Панчевски, капиталот на АД “Отекс” засега е мртов капитал бидејќи истиот не е запишан во катастарските книги, односно објектите во рамките на акционерското друштво не се легализирани.

akcioneri oteks“Со закон се измени и дополни законот за легализација на дивоградбите, и го продолжи рокот до крајот на март идната година. Значи сите објекти, кои што се во Отекс, а кои што не се легализирани, ќе можете вие, ќе ви кажам како ќе се оформите, ќе можете да си ги легализирате, тие што се внатре влезени, кога ќе покажат документи непостоечки ќе бираат или ќе ви дадат пари или ќе се отселат, или ќе бидат под закуп, ќе видите како тоа ќе биде.”-рече Панчевски.

Инаку на состанокот кој акционерите од “Отекс” го одржаа со нивниот правен застапник, беа избрани членовите кои ќе бидат дел од управниот одбор како и членовите кои ќе се дел од иницијативнио одбор кои ќе носат одлуки во име на акционерското друштво. Според Панчевски, токму тука лежи и шансата, акционерите на “Отекс” да добијат барем дел од капиталот на кој тие се сопственици.