Паричен надоместок за охридските ученици
Финансиска поддршка ќе добиваат охридските ученици и студенти од социјално ранливите семејства и талентираните ученици.
Градоначалникот Кирил Пецаков најави нови мерки за кои охридските советници дадоа зелено светло за субвенционирање на образовниот процес на охридските основци, средношколци и студенти.
„Новина е што општина Охрид воведува исплата на паричен надоместок од по 3000 денари за првачината во општинските училишта. Се зголемуваат стипендиите на учениците од основните и средните училишта за учебната 2022/23 година од 1500 на 2000 денари“, кажа Пецаков.
За прв пат се воведува образовен додаток за 120 студенти кои ќе добијат еднократно по 6000 денари, а кои студираат надвор од државата и потекнуваат од семејства во социјален ризик, повеќедетни и едонородителни семејства. Продолжуваме со поддршка на учениците, студентите, магистрантите кои се лица со ретки болести. Предвиден е износ, зголемен на 2000 денари за студентите, магистрантите и докторантите кои ќе добиваат 3000 денари месечно во текот на 9 месеци – рече Пецаков.
Образовен надоместок ќе има и за наставниците ангажирани во продолжениот престој. Од оваа година надоместокот ќе изнесува 15.000 денари за пола работно време наместо досегашните 10.000 денари, истакна Пецаков.
Најави измени и во статусот на овој наставен кадар. Се прават напори за решение на работниот стаж на наставниците кои досега немаа регулиран статус. Предвидено е сите основни училишта да организираат продолжен престој од 15 септември. Општината ќе ги вреднува знаењата на учениците на државните и меѓународни натпревари.
Покрај додатокот за стипендии за студентите, парични награди ќе има за учениците и нивните ментори кои ќе се доделуваат на Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“. За освоените 3 први места на државните натпревари наградите ќе изнесуваат 10.000, 7.000 и 3.000 денари, а за меѓународните натпревари ќе се доделуваат награди во висина од 18.000, 15.000 и 12.000 денари – истакна Пецаков.
Покрај овие новини се планира да се воведе во две општински училишта факултативна настава по Италијански јазик за 5 и 6 одделение.
Училиштата ќе треба да организираат и секции и клубови надвор од наставната програма каде што ќе се детектираат талентираните ученици.
За учениците со посебни потреби ќе се обезбедат тутори и медијатори, а општината ќе обезбеди и бесплатен превоз за учениците и наставниците.