„Паркирај совесно – паркирај одговорно”, превентивна активност на СВР Охрид
Вчера (02.10.2024), Отсекот за превенција при СВР Охрид, почна со реализација на сообраќајно едукативната кампања „Паркирај совесно -паркирај одговорно”.
Притоа, полициски службеници, на повеќе сообраќајници во градот констатираа неправилно паркирани и оставени моторни возила на коловозните ленти, со што значително се нарушува нормалното одвивање на сообраќајот и се загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Полициските службеници од отсекот за превенција, на возачите им укажаа на сторениот прекршок, ги запознаа со дел од казнените одредби од Законот за безбедност во патниот сообраќај, според кој казната за паркирање на коловоз на крстосница формирана од две улици, изнесува 180 евра, на тротоар е 45 евра, а на коловозна лента, казната изнесува 40 евра. На возачите им беше поделен едукативен материјал со низа практични совети од областа на сообраќајот.
Целта на кампањата „Паркирај совесно -паркирај одговорно”, во соработка со РСБСП, е подигнување на степенот на безбедносната култура кај возачите, а со тоа и подигнување на степенот на сообраќајната безбедност во патниот сообраќај. Кампањата, ќе биде спроведена на целото подрачје на СВР Охрид.