Skip to main content

Пастрмката, единствениот предатор во Охридското езеро, покажува промени во начинот на исхрана

Додека рибокрадците го уништуваат рибниот фонд на охридската пастрмка, овој ендемичен вид покажува промени во својата исхрана што може да биде дополнителен проблем за еко системот на Охридското езеро. Намалувањето на фондот на пастрмката значи намалување на единствениот предатор во езерото кој ја контролира популацијата на останатите видови.
 |  Маја Савиќ  | 

Истражувањата на НУ Хидробиолошки Завод Охрид покажуваат дека постои промена во доминантната исхрана на пастрмката и белвицата.

„ Она што порано беше нивна главна храна зоопланктонот сега не е така. Сега пастрмката и белвицата повеќе се хранат со фауна на дното. Таа промена на исхраната резултира со промена на самиот квалитет и вкус на месото на рибата. „ – вели Душица Илиќ Боева, експерт од Одделение за салмонидна фауна, практично рибарство и аквакултура од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид.

Рибократството доведува до намалување на фондот на пастрмката и белвицата кои се единствени предатори во Охридското езеро. Со планктон се храни и плашицата, чиј фонд во езерото, пак, се зголемува будејќи нема интерес да се лови ниту на македонска ниту на албанска страна, поради ниската цена. Промените во синџирот на исхрана може да доведе до низа проблеми во еко системот.

„Во основа охридската пастрмка е предатор, таа се храни со други помали риби. Во основа таа не би требало да се храни со други организми, таа е клучниот контролор на популацијата на останатите видови во езерото. Таа е најважниот контролор на рибната популација во езерото. Нејзиното намалување ќе доведе до експлозија на други видови што ќе предизвика друг тип на проблеми.„ -вели Проф. д-р Златко Левков од Институт за биологија при ПМФ Скопје.

Официјалните податоци кои говорат дека од 2011-та до септември минатата година езерската полиција запленила 4.880 мрежи со вкупна должина од над 355 километри. Потребни се ригорозни контроли за надминување на сегашната состојба со популацијата на пастрмка во Охридското езеро, но и заедничко делување на надлежните органи од Македонија и Албанија. Во таа насока чекор напред е формираниот заеднички Комитет за рибарство помеѓу двете земји.

фото: Љупчо Стојкоски