Патчев: Горди сме на наградата, Жива е признание за нашата посветеност и дополнителна мотивација
Наградата Жива за најдобар словенски локалитет за 2025 година доделена на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Оваа престижна награда охридскиот Завод и музеј ја доби во конкуренција од 150 музеи од 13 земји. Наградата свечено му беше доделена на директорот, м-р Горан Патчев на 11-тиот Форум на Словенски Култури во Требиње, Босна и Херцеговина. Ова признание, доделено од Форумот на словенските култури, претставува најголемата награда што досега ја има добиено една музејска институција во Македонија.


„Нашата институција по втор пат беше номинирана за најдобар музеј или најдобар словенски локалитет. Оваа година ја имавме таа среќа да ја добиеме најпрестижната награда со што сме многу горди. За нас е особено важно бидејќи сме прв музеј во Македонија што ја доби оваа награда, иако во минатите години биле номинирани повеќе музеи од државава за оваа награда.“- вели Горан Патчев – Директор на НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј Охрид.
Жирито составено од 16 музејски експерти од различни словенски земји и Европската музејска академија (ЕМА) во образложението зошто токму Завод и Музеј Охрид ја добива наградата наведува дека признанието е за напорите во заштитата и толкувањето на огромниот културен пејзаж околу езерото, кој претставува единствен пример за интеракција меѓу природата и човечката активност.
„ Јас пред се им благодарам на моите колеги, таа награда им ја посветувам на сите нив, тоа значи дека сме биле посветени на работата, дека сме на прав пат во однос на нашите обврски, за тоа како се заштитува културното наследство, промоцијата, популаризацијата на културното наследство на охридскиот регион.“ – вели Патчев.

Наградите Жива за најдобар словенски музеј и најдобар словенски локалитет всушност претставуваат мрежа која обединува речиси 250 музеи и локалитети низ 13 словенски земји.
Тоа е единствена културна платформа посветена на промовирање, на заштитата, комуникацијата и општествената улога на словенските музеи и локалитети. Тоа што годинава наградата Завод и Музеј ја донесе во Охрид ќе отвори можности за поголема промоција и видливост на локалитетот во европски и светски рамки.
„ Наградата е особено значајна и за наша идна промоција во однос на развој на понудата особено за развојот на културниот туризам. Таа мрежа која ги соединува сите словенски музеи во Европа , а посебно затоа што од оваа година започна и нова награда да се доделува која се однесува на негување на словенската култура и надвор од словенските земји, оваа година беа наградени четири музеи за промоција на словенската култура и тоа два од Италија, еден од САД и еден од Унгарија. Што значи промоција не само во рамки на тие земји кои сме членки на таа мрежа туку и надвор и пошироко.“ – вели директорот на НУ Завод и Музеј Охрид.

На Форумот на словенските култури оваа година се одржа конференција „Одгласи на наследството и иднината на музеите“, на која истакнати експерти говореа за иновациите и новите трендови, предизвиците и одговорностите што претстојат, вклучувајќи дигитална трансформација, виртуелни изложби, вештачка интелигенција, одржливост и грижа за животната средина. Во рамките на конференцијата во Требиње се одржа и музејски саем на кој НУ Завод и Музеј Охрид успешно го промовираше културното наследство на регионот.





