Патеката кај плажите во Далјан со години оставена во лоша состојба

Во рубриката „Ти си твојот град“ жители на населбата Далјан ни испратија слики од рекреативната патеката Канео-Далјан, која веќе неколку години е оставена во доста лоша состојба. Поточно, станува збор за делот кај плажите во населба Далјан. Ова е нивниот коментар:
Од двете најголеми партии, предизборно ветуваа дека ќе ја реновираат патеката и плус дека ќе ја довршат до Извидничкиот центар. Претходната власт не направи ништо за да ја среди, а и сегашната Локална самоуправа се уште не превзела никакви активности за реновирање на оваа патека која се наоѓа во еден од поатрактивните делови на градот, со оглед на тоа што е на самиот брег од Охридското езеро – реагираат жителите.

Од населбата Далјан, патеката води кон црквата Канео, а потоа преку Мостот на желбите се поврзува со крајезерските улици и шеталиштето на градскиот кеј.
Дали е ова сликата која треба да ја видат гостите кои за претстојните Новогодишни и Божикни празници, според најавите, ќе бидат во голем број? Дали и кога, Локалната самоуправа на град Охрид и градоначалникот Пецаков ќе преземат мерки за реновирање на рекреативната патека која ја користиме секојдневно? – прашуваат жителите.
За жал моменталната слика од овој дел на градот е навистина лоша…Погледнете и самите од фотографиите во продолжение!







