Патната инфраструктура тема на емисијата Прашалник
Децениската изградба на автопатот Кичево Охрид, но и состојбите во целокупната патна инфраструктрура во општина Охрид тема на емисијата Прашалник на ТВМ телевизија. Последните најави од владата се доколку кинеската Синохидро не ја заврши изградбата на автопатот, до крајниот рок 31 декември годинава, можно е раскинување на договорот.
Експертите појаснуваат дека дел од причините за одолговлекувањето на изградбата се непредвидени предизвици. Појава на нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектантски решенија и мислење за целокупниот проект.
Од општина Охрид децидни, недозволиво е децениското пролонгирање на еден автопат. Велат треба да се сноси и одговорност.
„ Освен бомбастичните најави дека автопатот ќе биде завршен до 31.12.2023 година, ништо не се случива. Периодично гледаме поголем број работници на автопатот барем на овој охридскиот дел, не знаеме каква е сосотојбата во делот на Кичеви. Мислам дека целата оваа работа и фамата треба надлежните сериозно да ја размислат и да ја елаборираат пред нас и целата македонска јавност, бидејќи изградбата од 400 милиони евра стигна до 600 милиони што значи околу 10 милиони евра од км што го прави најскапиот автопат”, вели Љупчо Танески од секторот за сообраќај и улици.
Општина Охрид во 2023 година сериозно се посвети на комунални инфраструктурни зафати. Поставување нова водоводна и канализациона мрежа и уредување на повеќе улици.
„Во поглед на оние покрупни инфраструктурни зафати би ги издвоил улицата Македонски просветители, каде имавме еден фаличен проект. Поставивме осветлување кое не беше предвидено, заштитна ограда, сообраќајна сигнализација се со цел да кажам да го дотераме проектот и да личи за парите кои се портошија. Колку пари даде министерството за транспорт толку пари потроши и општината”, додава Танески.
До каде е проектот за изградба на катна гаража и уредување на плоштадот Крушевска Република, како едни од најавените капитални проекти во градот Охрид може да погледнете во емисијата Прашалник на Јутуб каналот на ТВМ телевизија.
Соња Рилковска