Патникот промовиран на Охридско лето
Патникот на авторот Борче Грозданов Пандур синоќа промовирана пред охриѓани. Оваа книга е збир на настани, средби, анегдоти, сериозни препукувања дури и караници помеѓу авторот и неговиот најголем пријател и сопатник, актерот Васил Шишков.
Патникот промовиран на Охридско лето. Оваа книшка на авторот Борче Грозданов Пандур која ја пропатувала речиси целата држава на задоволство на охриѓани беше преставена синоќа како едно дело од стотина страници на кои се забележани многу настани, средби, анегдоти, сериозни препукувања дури и караници помеѓу авторот и неговиот најголем пријател и сопатник, актерот Васил Шишков.
Се работи за 14 раскази кои се базирани на мои блиски средби со мојот компањон со кој знаевме и длабоко да се искараме но и искрено да се радуваме на сите позитивни работи кои се случуваа во културата. Васил Шишков ми беше и ќе биде моја вечна инспирација но и непребол. Прерано ме напушти, но знам дека еден ден пак ќе се сретнеме и ќе продолжиме онаму каде што застанавме, рече авторот Пандур.
Ова не е прво дело на Борче Грозданов Пандур. Тој веќе има издадено 11 дела од кои некои се раскази, некои драми, една е монографија посветена на неговиот татко, актерот Мите Грозданов, а од неговото перо произлегле и голем број критики пред се театарски. За своите дела има добиено и повеќе награди што се стимул повеќе да пишува и понатаму. Патникот му е една од омилените книшки бидејќи на некој начин во неа е отсликан еден добар дел од неговиот живот.
Ние со мојот пријател Васил не само што буквално патувавме туку и кога седевме в театар или во меана ние пак како да бевме патници со мисла. Не поврзуваа многу нешта а пред се културата и уметноста за што знаевме со часови да разговараме. Нашата дружба како да беше предодредена бидејќи и нашите татковци биле добри пријатели, а ние само продолживме од каде што тие стигнале, вели Пампур.
Авторот на книгата Патникот изрази огромна благодарност на фестивалот Охридско лето што му овозможи да ја промовира книгата токму на најреномираниот фестивал во државава и пошироко. Следен план му е да гостува во Велес на фестивалот Античка драма и да го продолжи своето вечно патување.