Пазарот на трудот и новата сиромаштија
Македонија и актуелната Влада, треба да преземат сериозни мерки во борбата против сиромаштијата е заклучокот на претставниците од ЕУ.
Сиромаштијата на 7000 јазици го има исто значење. Во земјава индексот на сиромаштија изнесува околу 30%, што значи дека секој трет Македонец е сиромашен. Денес во Хотелот Климетица во Охрид, синдикатите од земјава, и од ЕУ разговараа на оваа тема и разменаа искуства. Сиромаштијата е глобален феномен во светот, посебно кај нас, вели претседателот на УНАСМ Слободан Антевски. Додава дека од нивна страна се прави онолку колку што се може, во борба против овој феномен.
„Имаме сиромашни и посиромашни од она што го имаме во одредени периоди меѓутоа неможеме во овој момент да обвиниме никого бидејќи ситуацијата е таква каква што е. Се преземаат одредени мерки и од страна на Владата и од страна на синдикатите за заштита на најсиромашните делови, меѓутоа се справуваме со огромни проблеми“.
Ако се погледне на состојбата на сиромаштијата во ЕУ постои разлика помеѓу новите земји членки и старите, вели Стијн Грип од белгискиот христијански синдикат. Тој свое излагање имаше на носечката тема, „Пазарот на трудот и новата сиромаштија“, при што истакна дека добро е што можат да се слушнат искуствата од различни земји.
„Македонската Влада како и ЕУ треба да изнајдат различни мерки за да се борат против сиромаштијата, како што е достоинствена минимална плата, меѓутоа од претседателот на УНАСМ, јас дознав дека во Македонија веќе е воспоставена минимална плата“.
Според податоците кои зборуваат за сериозноста на проблематиката, со право може да се каже дека сиромаштијата е општествено зло и синдикатите се најповикани во борба против него, рече претседателот на ССМ Живко Митрески. Но за елиминирање на сиромаштијата не помалку од синдикатот е повикана и Владата, додава тој.
„Синдикатите во РМакедонија, и ССМ презедовме конкретни чекори. Значи она што често се кажува дека 20 години немавме утврдено минимална плата, а тоа е една од мерките за справување со сиромаштијата, ние тоа го направивме, од друга страна превзедовме многу повеќе конкретни чекори за заштита на одредени категории на работници, почнувајќи од оние категории за младите луѓе кои работат во одредени услови, понатаму за жените, бидејќи идентификувано е дека тука се јавува сиромаштијата“.
Кемал Муртиќ од Конфедерацијата на Слободни Синдикати вели дека се работи на окрупнување на синдикалното движење во Македонија, и не случајно е потпишан меморандум за соработка со УНАСМ и ССМ. Целта е обезбедување поголеми права на вработените, додава тој.
„Лошата перцепција во изминатите години за синдикатот се надевам дека полека исчезнува бидејќи за волја на вистината имаме еден многу добар однос со актуелната Влада, мислам дека поставени сме на партнерски односи, ние како еден од репрезентативниот синдикат на ниво на држава, вклучени сме во економско социјалниот совет, каде што даваме свои мислења, примедби, забелешки на одредени работи и со еден партнерски со Владата однос полека ги решаваме проблемите“.
Сиромаштијата низ призма на носителите на македонското синдикално движење е недостиг на неопходни производи како храна, облека, живеалиште и здрава вода за пиење, што резултира со низок животен стандард. Но сиромаштијата за оние кои ја чуствуваат на сопствена кожа има многу посурова дефиниција, за која не постои збор што може да ја опише.
{loadposition content9}