Skip to main content

Пазарната инспекција се подготвува за летниот период

Пазарната инспекција се подготвува за летниот период. Посебно ќе се контролираат угостителските објекти и летните тераси кои многу често го прекршуваат решението за поставување урбана опрема или пак воопшто го немаат.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Пазарната инспекција интензивно се подготвува за засилени контроли во летниот период. Досега според нивниот годишен план на работа контролирале еднаш месечно, но летово тоа ќе биде позачестено. Посебно акцент ќе се стави на угостителските објекти кои често ги прекршуваат законите .
Пазарните инспектори веќе почнаа да контролираат дали летните тераси имаат решение за поставување урбана опрема бидејќи уште на крај на декември советот на општина Охрид ја донесе програмата. Ѓорѓи Бошалески, раководителот на подрачното оделение на Пазарна инспекција вели дека дополнително им ја комплицира работата ново настанатата ситуација со денешното истекување на мандатите на градоначалниците и неизвесноста дали ќе им се продолжат истите или пак за скоро време ќе се распишат нови локални избори. Работата на Пазарната инспекција тесно е поврзана со локалната.

Нас во голема мера ќе ни бидат отежнати активностите бидејќи не ќе може да се потпишат решенија за поставување урбана опрема . Исто ќе имаме проблем доколку на некој од концесионерите на плажите им е истечен договорот истиот не ќе може да се продолжи. Проблем ќе имаме и при поставувањето на тезгите бидејќи не ќе може да се издаваат решенија, вели Бошалески.

Бошалески вели дека Општина Охрид е многу специфична поради тоа што во летниот период градов е главен туристички центар, па многу субјекти во трка по пари и заработувачка многу често ги прекршуваат законите.

Во летниов период ние не ќе можиме да пишуваме глоби поради тоа што не ќе има кој да им издава решенија на субјектите и тоа не е по нивна вина. Ние ќе бидеме прагматични, но тоа не може да оди во недоглед бидејќи имаме зацртан план кој треба да се реализира, вели Бошалески.

Пазарната инспекција чека инструкции како ќе се одвиваат работите. Подрачната единица во Охрид е подготвена да интервенира каде е потребно се со цел да нема поголеми отстапувања од пропишаните законски норми.