Пчелар по правда во Стразбур
Охридскиот, пчелар Лазо Грозданов треба да плати висока оштета за случајот напад од рој на пчели при транспорт. Апелациониот суд од Битола ја потврди одлуката на Основен суд Охрид и пресуди против пчеларот да плати оштета на тужителот во висина од околу 10.000 евра. Според, Грозданов ова е изнудена казна, судска одлука која е прва од ваков вид во земјава. Досудениот износ на оштетата ќе го загрози пчеларството во земјава, а сите пчелари стрепат во иднина тоа да не стане судска пракса, вели Грозданов. Револтиран од правосудниот систем најавува дека правдата ќе ја бара во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Штетите ќе ги трпиме сите. Вистината е подалеку од тука, но ќе се потрудиме да ја најдеме таму. Ако за медената земја во 2019 година, светот дозна за нас како земја во која максимално сме посветени на пчеларството, за жал, по три години ќе мора да ги сотреме пчелите“-кажа Грозданов.
Од охридското здружение на пчелари напоменуваат дека стравуваат од ваквата одлука која ја загрозува нивната егзистенција и одгледувањето на пчели. Тони Јосифоски, претседател на охридското здружение, вели дека пчеларите се згрозени од судската одлука која е страм за правосудниот систем.
„Во државата има 7000 до 8000 пчелари, помножено со 4ца од семејство, кој директно, а кој дополнително живееме од таа гранка.Со предметната пресуда сме ставени пред размислување за намалување на пчелниот фонд“-порача Јосифоски.
Поддршка за охридскиот пчелар Лазо Грозданов доаѓа од сите Здруженија на пчелари од земјава. Неговите колеги тврдат дека во никој случај пчелите не може да нападнат при транспорт. Судскиот спор започна во 2014 година, а заврши после осум години.
Инаку, инцидентот се случил кога Грозданов со моторно возило превезувал сандаци со пчели. При транспортот пчелите излегле од сандаците и нападнале охриѓанец на Булевар Туристичка кој бил во придружба со сопругата и малолетно дете. Грозданов за овој случај од Основниот суд Охрид е прогласен за виновен.