Пчеларството во Охрид, пред колапс
Оваа година на пчеларите во многу региони од земјава нема да проработат центрифугите за мед. Тоа се однесува и за пчеларите од охридско, кои како што кажаа за телевизија ТВМ, се соочуваат со тешка пчеларска сезона. Но и покрај тоа, тие на третата по ред манифестација „Денови на медот“ на градскиот плоштад Крушевска република, ги изложија своите производи.
Пчеларската бранша е исправена пред колапс, коментираат пчеларите од охридско. Причина за тоа се ниските температури кои го зафатија нашиот регион кон крај на месец април, кои не дозволија пчелите да излезат од пчелните сандаци во првите пролетни денови. Тони Јосифовски претседател на охридските пчеларски здруженија, вели дека се тоа доведе и до голема смртност на пчелната популација, што загрижува.
„Годинешнава реколта е катастрофална, станува збор за катастрофа. Последните надежи можат да изумрат кај голем дел од пчеларите. Катастрофални се приносите. Оваа година не може да зборуваме дека има принос. Ова се резерви на мед. ги користиме последните резерви на мед. Оваа година на голем дел пчеларници во многу регони нема центрифугите да проработат посебно на високите надморски височини, многу тешко“.
Намалувањето на бројот на пчелите води до многу негативни последици, укажува Јосифовски. Покрај слабата реколта загрижувачка е и последицата која ќе влијае и врз земјоделството, односно пчелите нема да можат потполно да ја извршат совјата основна дејност опрашувањето, додава Јосифоски. Оттука повикува и на поголема институционална грижа кон оваа значајна стопанска гранка.
„Еден апел до институциите, да ја сфатат сериозно работата и да ни помогнат нам на пчеларите а исто така да им помогнат пред се на пчелите затоа што во знак прашање доведен е и нивниот опстанок. А штом дојде до тоа ќе биде многу лошо и за другите земјоделски дејности тешко“
Инаку синоќа во Охрид по трет пат се организира манифестацијата „Денови на медот“, каде охридските пчелари имаа можност да ги презентираат и понудат своите призводи пред охриѓани и бројните туристи.