Пчелите не се домашни животни
Опстанокот на пчелните семејства најмногу зависи од пчеларот. Пчелите ќе ги преживеат глобалните временски промени и болести само ако пчеларите правилно се грижат за нив, порачува Ицко Китанчев, долгогодишен пчелар и член на охридското здружение на пчелари. Основната грешка се случува ако на почетокот од месец август, пчеларите не оставаат доволно храна во кошниците за да имаат здрави пчелни семејства и здрава матица, кои ќе ги преживеат температурните промени, вели Китанчев. Прихраните од шеќерни сирупи оставаат последици врз пчелите. Стануваат неотпорни на болести, подложни на секакви влијанија и животот им е пократок, појаснува искусниот пчелар.
„Пчелата не е домашно животно ако е кај нас. Тие одат по нивен природен пат. Пчеларот треба да се адаптира кон нејзините потреби. Да не се применуваат прихрани кои не се природни. Пчелата е инсект кој собира и складира храна, за кога нема доволно храна, да има резерви“, напоменува Китанчев.
Само добро едуцираниот пчелар знае како да постапи и да ги зачува пчелните семејства. Досегашното искуство на Китанчев со охридските, помлади колеги не оди во прилог кон ова тврдење.
„Мислам дека пчеларите недоволно се едуцирани. Главните информации ги земаат од интернет, но не ја проверуваат вистинитоста на податоците. Таму пишува се и сешто. Пчеларите малку читаат стручна литература на која има рецензенти и тоа претставува недостаток“, вели Китанчев.
Охридското здружение на пчелари брои 150 членови. Од нив, само 50-тина пчелари се активни во здружението и учествуваат во размена на знаења и искуства. Многу млади пчелари влегоа во одгледувањето на пчели мислејќи само дека може брзо да се заработи без притоа да ги земат во предвид знаењето и искуството, вели охридскиот пчелар Ицко Китанчев.