Skip to main content

Пчеларите не се убијци, порачаа охридските пчелари

На денешната прес конференција револтирани од изречена висока парична казна од Основен суд Охрид против нивен колега за каснување од пчели пресудата ја сметаат за атак врз пчеларите и пчелите. Пчеларите се ставени во категорија на убијци кои чуваат инсекти животно загрозувачки по животот на населението, велат одгледувачите на пчели. Бараат од надлежните институции да ја преиспитаат, како што велат, апсурдната судска одлука на Основниот суд Охрид. 

 |  Валентина Неловска  | 
Охридските пчелари ги вознемири судска одлука на Основен Суд Охрид изречена против нивен колега со парична казна за каснување од пчели.  Пчеларите го кренаа гласот против како што велат апсурдната судска одлука со која пчелар треба да му исплати оштета на охриѓанец и административни трошоци во висина од 15.000 евра. Револтирани пчеларите реагираат на висината на изречената казна и на третманот кон  пчеларите. Бараат институциите да се изјаснат дали пчеларството треба да згасне во нашата земја. Пчеларот, Лазо Грозданов потсетува од какво значење се пчелите за планетата Земја.
Дали чувањето на пчели е високо ризична професија и утре да знаеме дали да чуваме пчели или да ги уништиме тие инсекти кои со љубов сме ги одгледувале во наш, ваш интерес, во интерес на човештвото. Многу стручњаци се изјасниле дека после изумирањето на ова племенито суштество на човештвото му остануваат 4 до 5 години опстанок. Треба ли оваа пресуда да значи дека со вакви пресуди ќе дозволиме да ни останат уште 4-5 години живот – истакна Грозданов.
Во време кога се носат во светот мерки за заштита и стимулирање на пчеларството, за жал кај нас во Охрид, Основниот суд донесе апсурдна пресуда, вели Тони Јосифоски, претседателот на Здружението на пчелари од Охрид. Ова е прв судски случај против пчелар изнесен во јавност, а пчеларите се надеваат дека ќе биде и последен.
Во моментов е Лазо, а во иднина може да сме сите ние. Не прогласуваат нас пчеларите за убијци, дека чуваме инсекти кои се животно загрозувачки по животот на населението. Не сакајќи сите може да направиме проблем и ќе се соочиме со ваков проблем кој тешко некој може да го издржи – вели Јосифоски.
Охридските пчелари бараат од Републичкиот судски совет, од Министерството за правда и останатите надлежни институции да ја преиспитаат одлуката на Основниот суд Охрид и да ги заштитат пчеларите и пчелите.