Skip to main content

Пчеларите од охридскиот регион се соочуваат со намалени приноси од мед

Пчеларите од охридскиот регион се соочуваат со намалени приноси од мед.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските  пчелари не се задоволни од годинешната реколта и  ја отценуваат како катастрофална. Годинава од кошниците извадиле едвај до 6 килограми мед, а во поволните години  приносите од мед достигнувале и до 20 килограми од кошница. Пчеларите се соочуваат со променливи временски услови кои не  одат во прилог на  медарството, но и со болестите кај пчелите, информира за состојбите во пчеларството долгогодишниот пчелар  Тони Јосифоски.  Викендов пчелар од Љубаништа останал без сите 80 кошници со пчели како резултат на  болеста нозематерана.  Пчеларите се почесто се соочуваат со оваа болеста кога пчелите  одлетуваат, ги напуштаат кошниците и не се враќаат назад.  Пчеларите нагласуваат дека голема битка бијат и со фалсификаторите на мед. На пазарот се продаваат 90 проценти лажен мед , вели Јосифоски, а само 10 посто е виситинки мед. Тој негира дека вистинските пчелари продаваат лажен мед.

„Пчеларите чесно си ја бркаат работата. Ние сме верници и веруваме дека со пчелата нема правење  тежина на душата, народски кажано“, додава Јосифоски.

Во Охридското здружение на пчелари Охрид состојбите со староста на лицата кои се бават со пчеларство се менуваат. По долги години затишје сега  се повеќе млади лица се вклучуваат и  сакаат да пчеларат и да егзистираат од оваа работа. Во здружението од  45 пчелари, 25 се млади луѓе, кои се поттикнати од субвенционирањето на оваа гранка.  Но, таа нивна желба сериозно да егзистираат од пчеларството е сериозно загрозена од фалсификаторите на мед. Трговците на мед продаваат мед кој дури и најискусните пчелари не може да го препознаат, тврди Јосифоски.

„Имам видено сируп кој е како силикон.Се продава  во канти и буриња  и има изглед на силикон и од тоа успеваат да направат мед да не може никој да препознае дека е лажен“, нагласува Јосифоски.

 Пчеларењето е исплатливо кога не би  ги имале  овие проблеми, вели Јосифоски.  Подвлекува дека тегла мед на пазарот достигнува цена и до 400 денари, а само производствените трошоци на еден килограм достигнуваат над 180 денари.

Во борбата со фалсификаторите се вклучуваат и инспекторите од Агенцијата  за храна и ветеринарство, но и покрај контролите, казните и заплените  на пазарите повторно ги има фалсификаторите со мед. Затоа потрошувалите треба да бидат крајно внимателни при купувањето  мед.