Skip to main content

Пчеларите стравуваат како ќе презимат пчелните семејства

Пчеларите стравуваат како ќе презимат  пчелните семејства.  По ланските катастрофални приноси од мед тие се загрижени за развојот на пчелите. Очекуваат последиците од минатогодишните априлски мразеви во пчеларството да се почувствуваат пролетва. Спасот на пчеларството го гледаат во погодните временски прилики за вегетацијата оваа пролет.

 |  Валентина Неловска  | 

Пчеларите се загрижени како пчелните семејства ќе ја презимат оваа зима. Ланската катастрофална година со крајно лошите приноси на мед лошо ќе се одразат врз развојот и опстанокот на пчелните семејста оваа пролет, кажува Ице Китанчев долгогодишен охридски пчелар. Китанчев очекува пчеларите да ги почуствуваат оваа пролет последиците од минатогодишните априлски мразеви кои направија ршум во пчеларството и овоштарството. Немаше доволно мед па во зимскиот период влеговме и со слаби пчели и со храна,а за да опстанат пчелите во живот посегнавме по нужно зло со прихрана , кажува Китанечев.

„Јас сум пчелар 27 години и ваква лоша година не паметам. Јас не давам прихрана, но претходната година бев приморан да давам за да останат во живот пчелните друштва. Кога ќе го направиме првиот преглед ќе видиме. Од контролата сега има од 3 до 5 улици што ќе биде ќе видиме прогнозите не се добри“, вели Китанчев.

Пчеларите се надеваат на поволни временски услови за вегетацијата оваа пролет. Многу важно ќе биде цветањето на првите пролетни растенија, а посебно нагласуваат дека за пчелите е најважно цветањето на дивата слива. Од нејзиното цветањето ќе зависи дали пчелите ќе имаат добар развој ,дополнува Китанчев.

„ Сега прво што ќе треба да се направи кога ќе цветаат растенијата е да се направи преглед на друштвата. Да се затоплат на онолку рамки колку што има пчели за да се создаде микроклима од 35 степени во пчелните друштва и да се негува леглото. Затоа треба мед, храна. Ако во природата нема мора да им се даде шеќер или сируп за да опстанат. Но таа храна не е толку квалитетна и се зависи многу од самата природа“, појаснува Китанчев за состојбите во пчеларството.

Лошите минатогодишни приноси во пчеларството се одразија со недостаток од мед на пазарот . Тоа доведе во земјава да се увезат во два наврати во Ресен и Штип околу 150 тони мед од Грузија и Кина, посочува Китанчев.