Skip to main content

НУ Библиотека Григор Прличев

Пчињското евангелие од XVI век, повторно во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид

„Пчињското изборно евангелие“ важи за најстар ракопис зачуван во стариот – редок фонд во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
 |  инфодеск  | 

По повод враќањето на вредното Пчињското изборно евангелие од 16 век во депото на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“во Охрид утре, петок на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 13 часот ќе се одржи пригодна свеченост.

За значењето на евангелието се очекува да говорат министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Христина Трпеска, м-р Зорица Јаковлевска – Спировска од НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје, д-р Илија Велев од Институтот за македонска литература во Скопје и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар во охридската библиотека.

„Пчињското изборно евангелие“ важи за најстар ракопис зачуван во стариот – редок фонд во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. Ракописот е најден од страна на книжевниот историчар  и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски во необработениот фонд во библиотеката во1999 година.  Тој го поттикнал тогашното раководство на Градската библиотека во Охрид, Евангелието да го даде во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје да биде заштитено.

Првата конзервација и реставрација на евангелието во НУБ е во 2000 година и било вратено во Охрид, каде останало до 2011 година. Поради несоодветните услови за чување ( голема влага ) при направената контрола од страна на стручни лица врз ракописот се забележани сериозни оштетувања на книгата и таа е повторно вратена во Скопје на нова концервација и реставрација која се случила во 2014 година

Откако во 2023 година со финансиска помош од 300 000 денари од страна на Министерството за култура, Библиотеката го реализира проектот за адаптација на простор и отвори Депо за редок библиотечен фонд со примена на високи стандарди за негово чување, се создадоа услови и за враќање на Пчињското евангелие кое датира од последната четвртина на 16 век.  Сега, Евангелието повторно е дома, во депото во Охрид.