Пецаков: Ангажирани се сите расположливи капацитети во санирање на последиците од невремето
Општина Охрид ги стави на располагање сите расположливи капацитети во расчистување на последиците од големото невреме што денеска го зафати Охрид, истакна градоначалникот Кирил Пецаков, по состанокот на Кризниот штаб, на кој присуствуваа директорите на јавните претпријатија.
„Од првичните информации со кои располагаме, отежнат е сообраќај на одредени улици поради обилните врнежи и големата вода која се уште се слива, има пријави за поплавени домови, дворови, куќи, а штетата на земјоделските култури очигледно ќе биде огромна бидејќи невремето кое траеше повеќе од половина час беше проследено со врнежи од град со големина на лешник и орев. “ –кажа Пецаков
Интензивно се работи на нормализација на состојбите, потенцира градоначалникот. Сите пумпи за исцрпување на вода со кои располага општината се ставени на располагање на ТППЕ Охрид, бидејќи таму граѓаните најчесто ги пријавуваат поплавувањата на нивните домови.
„Вршиме напори со соседните општини за набавка на дополнителен број пумпи, иако колекторот е ставен стопроцентно во функција и во најголем дел од критичните места ќе се исцеди надојдената вода. Проблем има на пресекот помеѓу АСНОМ и булеварот Туристичка, со струјата која ги знабдува пумпите од колекторот, но се решава. Проблем има и во планинските села каде има наноси од земја. Се надеваме дека до вечер ќе успееме да го нормализираме сообраќајот насекаде.“ – рече Пецаков
Градоначалникот потенцира дека службите ќе бидат во полна готовност, доколку произлезе потреба за брза реакција, бидејќи се најавуваат нови врнежи и во попладневните часови.