Пецаков апелира за помош во справувањето со пожарите
Вечерва Штабот за заштита и спасување при Општина Охрид одржа состанок во проширен состав за кризната состојба настаната од пожарите кои се активни на територија на Општина Охрид.
– Од страна на надлежните беше презентирана состојбата со активните пожари. Во текот на денешниот ден интервенирено е од страна на Територијалната против пожарна единица од Охрид, Национални шуми, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување како и волонтери кои се пријавиле да помогнат со гасењето на пожарите. Исто така денес на помош дејствуваја и три Ер трактори кои неколку часа истураа вода над пожарите.
За утрешниот ден дополнително на помош се вклучуваат и општинските јавни препријатија со луѓе, механизација и логистика, кои заедно со сите останати институции во организирана акција ќе се пристапи кон справување со пожарите. И за утрешниот ден согласно потребите се ставени на располагање авионите за гасење пожар, информира градоначалникот Кирил Пецаков по состанокот.
Тој упати апел до сите оние кои се чувствуваат подготвени да помогнат во справувањето со огнената стихија утре изутрина во 4:30 часот соодветно опремени да бидат во кругот на Територијалната против пожарна едница – Охрид , каде задено со претставниците на институции координирано ќе се упатат кон критичните точки за гасење на пожарите.